Емилијан Гебрев за британскиот весник „Гардијан“ изјави дека експлозијата во неделата во неговиот магацин за оружје е уште еден напад врз него од страна на агенти на руското воено разузнавање ГРУ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Гебрев е 100 отсто сигурен дека зад експлозијата во неговиот магацин стојат руски агенти.

Според него, нема шанси ова да било несреќа бидејќи во зградата немало ништо што би можело да експлодира без надворешна интервенција.

Емелијан Гебрев падна во кома во 2015 година откако конзумирал салата од рукола, наводно, контаминирана со нервен агенс од типот Новичок од руски офицери на ГРУ. И тој самиот сега сугерираше дека експлозијата во неговиот магацин во неделата била и нивна работа.

Гебрев за „Гардијан“ изјави дека разговарал со неговиот шеф на обезбедување, кој му пријавил дека алармниот систем во магацинот бил активиран неколку моменти пред експлозијата, што укажува на тоа дека имало надворешен упад во зградата. Чуварите на лице место се подготвувале да проверат зошто системот бил активиран кога слушнале силна експлозија.

Локалните медиуми во Софија јавуваат дека ова е петти пат во последните години да има експлозии во објекти на компанијата за оружје „Емко“, сопственост на Гебрев.

Бугарското обвинителство ги поврза претходните напади со агенти на руските специјални служби.

Британски „Гардијан“ смета дека нападите врз бугарскиот трговец со оружје Гебрев биле дело на руското воено разузнавање ГРУ, што многумина натера да претпостават дека тој најверојатно е поврзан со снабдување со оружје за Украина.