Посетата на министерката за надворешни работи на Република Бугарија Теодора Генчовска на Скопје која беше најавена за утре, е одложена.
Како што информираат од македонското МНР, посетата се одлага поради учеството на министерката Генчовска и на министерот Бујар Османи на состаноци во рамките на ЕУ и особено претстојниот вонреден состанок на НАТО.
Во рамките на престојот во Брисел, министрите Османи и Генчовска остварија и билатерална средба на маргините, наведуваат од МНР.
Шефовите на дипломатиите на двете земји вчера во Брисел присуствуваа на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија што се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ. Работниот појадок беше организиран под покровителство на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, а беше посветен на европското досие на Македонија.
Министерот Османи, минатата недела на средба со новинарите ја најави посетата на неговата колешка Генчовска на 23 и 24 март во Скопје и продолжувањето на разговорите со Бугарија за отворените политички прашања.
Османи тогаш потенцира дека се уште постојат разлики, меѓутоа се обидуваат да дојдат до решенија прифатливи за двете страни, како и дека ние сме апсолутно усогласени во ставовите и во позициите согласно резолуцијата на Собранието. /МИА