Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко тврди дека земјиштето на Водно од 10.000 метри квадратни го купил легално од Орце Камчев за да гради семејна куќа.

Како сведок во предметот Самсоненко пред судот утрово тврдеше дека фирмата која го поседува плацот е на име на неговата сопруга, а имотот е купен во 2018-та.

-Тоа е моја фирма која е купена на име на жена ми по моја наредба. Веројатно не сум бил тука или нешто друго технички, па затоа на нејзино име ја купив. Нема сопственост ништо освен плац од 10.000 квадрати.

Јас некое време барав голем плац за да изградам куќа за мојата фамилија за живеење. Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Го платив 110 милиони денари. Уште нема пат и ги трпам штетите Не можам ниту да го продадам, ниту да го дадам под закуп – рече Самсоненко пред судот.

Сличен беше исказот и на бизнисменот Владимир Стајиќ, кој за плацот купен од Камчев како доказ има и договор за купопродажба помеѓу правните тимови.

Двајцата бизнисмени се сведоци на одбрана на Камчев, која вели дека со денешените искази се побиени наводите на обвинителите според кои екс премиерот Груевски е вистински сопственик на плацевите на Водно, чија сопственост се крие преку префрлање од една на друга фирма.

На следното рочиште закажано за во четврток своја одбрана ќе даваат обвинетите. Во предметот Плацеви на Водно, екс премиерот Груевски е обвинет за перење пари и прикривање имот. Бизнисменот Орце Камчев и неговата мајка се товарат за перење пари, а поранешниот директор Сашо Мијаков за помагање на противправните дејствија.