Началникот на ГШ на американската армија, генерал Марк Мили, негираше дека ги пречекорил своите овластувања, телефонирајќи му на својот кинески колега на крајот од мандатот на претседателот Доналд Трамп.
„Неговите повици до Кинезите и другите во октомври и јануари беа во согласност со неговите должности и одговорности и се состоеше во пренесување гаранции со цел да се одржи стратешката стабилност“, рече портпаролот на Генералштабот, полковник Дејв Батлер.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека има голема доверба во генералот Мили, додека републиканските членови на Конгресот побараа тој да биде сменет.
Мили е во центарот на контроверзи откако двајца новинари на Вашингтон пост, Боб Вудворд и Роберт Коста, открија за неговите контакти со неговите кинески колеги пред и по последните претседателски избори поради загриженост за менталното здравје на Доналд Трамп.
Во книгата Peril (Опасност), што ќе биде објавенa во наредните денови, новинарите тврдат дека Мили двапати му телефонирал на својот кинески колега, генералот Лиу Зуоченг, за да го увери дека САД одеднаш нема да ја нападне Кина и дека ќе му даде гаранции за стабилноста на американската држава.
Повиците биле на 30 октомври, непосредно пред претседателските избори во САД, и на 8 јануари, два дена по нападот на поддржувачите на Доналд Трамп врз зградата на американскиот Конгрес.