Авганистан ризикува да влезе во граѓанска војна кога последните американски трупи ќе се повлечат од земјата, изјави високиот американски командант, генерал Скот Милер, цитиран од медиумите.
Активностите на талибанците се зголемија откако САД минатиот месец почнаа да ги повлекуваат војниците, со тоа што џихадистите зазедоа многу територии.
Сите други американски трупи се очекува да се повлечат до крајниот рок – 11 септември.
Генералот Милер смета дека земјата може да се соочи со „многу тешки моменти“ доколку нејзиното раководство не се обедини по повлекувањето на меѓународните трупи.
Предупредувањето од командантот на мисијата предводена од САД во Авганистан доаѓа само неколку дена откако ОН предупредија на „ужасните сценарија“, откако талибанците зазедоа многу области.
Според ОН, од мај бунтовниците веќе зазедоа повеќе од 50 од вкупно 370 области, опкружувајќи многу градови и затворајќи го главниот град Кабул.
-Безбедносната состојба во моментов не е добра, рече генерал Милер на прес-конференција.
„Граѓанската војна со сигурност е патот што може да се визуелизира доколку работите продолжат да се одвиваат како сега“, додаде тој. „Тоа треба да предизвика загриженост за целиот свет“.
Генералот ги обвини талибанците дека не го намалуваат насилството во согласност со договорот постигнат со САД.
Џихадистите наведуваат дека неодамна ја презеле контролата врз над 100 области во Авганистан, што експертите го припишуваат на недостаток на американска воздушна поддршка за авганистанските сили.
Генералот Милер, меѓутоа, не ја исклучува можноста САД да продолжат да користат воздушни напади против талибанците.
-Тоа што би сакал да го видам е да нема воздушни напади, но за да се избегнат воздушните напади, мора да престане секое насилство, рече генералот пред новинарите.
Војниците, предводени од САД, во октомври 2001 година ги симнаа талибанците од власт во Авганистан. Групата ги засолни Осама бин Ладен и другите фигури на Ал Каеда во врска со нападите на 11 септември во САД.
Претседателот Бајден изјави дека американското повлекување е оправдано затоа што американските сили се увериле дека Авганистан не може уште еднаш да се претвори во база за странски џихадисти, кои коваат планови против Западот.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани инсистира на тоа дека нивните безбедносни сили се целосно способни да ги задржат бунтовниците, но многумина стравуваат дека со повлекувањето на странските трупи од Авганистан, земјата може да падне во рацете на талибанците.