Во седиштето на НАТО во Брисел вчера се одржа првиот состанок на високите претставници за отпорност на кој се обрати генералниот секретар Јенс Столтенберг.
На состанокот присуствуваше директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, поранешен полициски генерал, кој информираше за националната агенда за процена и градење капацитети за отпорност, нагласувајќи го принципот на вклученост на сите национални чинители.
Како што информираат од ЦУК, сојузниците ги споделиле своите сознанија и насоки за зајакнување на националната и колективната отпорност во светло на значително променетото безбедносно опкружување во евроатлантската област. Нивните насоки, како што е наведено во соопштението, ќе ги дефинираат целите за отпорност на Алијансата, кои ќе бидат претставени пред лидерите на НАТО на самитот во Вилнус следниот јули.
-Силата на нашето одвраќање и одбраната се темелат на отпорноста на нашите држави и општества. Ова е причината зошто НАТО се фокусираше на отпорноста од самото основање на Алијансата. Од 2016 година НАТО повеќе напори се посветуваат на ова, воспоставувајќи основни барања за сојузниците за процена на националната отпорност во клучните области, вклучувајќи го континуитетот на владините служби, комуникациите, транспортот, снабдувањето со храна, вода и енергија, како и справување со масовни жртви и неконтролирано движење на луѓе, истакна во своето обраќање генералниот секретар Столтенберг.
Минатата година, сојузниците се согласија за зајакната посветеност на отпорноста и, како дел од агендата на НАТО 2030, да назначат висок претставник кој ќе ги координира напорите за национална отпорност и ќе ги подобри консултациите во рамките на НАТО. На првиот состанок сојузниците се договорија да развијат патоказ за отпорност до Самитот во Вилнус во 2023 година, за да обезбедат видлив и навремен напредок.
Генералниот секретар Столтенберг, како што е наведено во соопштението од ЦУК, ги препозна брзите дејствија што сојузниците ги презедоа по инцидентите на „Северен поток“ за да се обезбеди отпорност на критичната инфраструктура со поголемо воено присуство и размена на разузнавачки информации. Тој, истÐ ¾ така, ги повика сојузниците да соработуваат поблиску и да ги забрзаат нивните напори за отпорност, нагласувајќи ја улогата на НАТО како центар за трансатлантските консултации.