Синдикалниот притисок за исполнување на нивните барања во рамки на генералниот штрајк за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник да се вметне или преку амандман или преку Општиот колективен договор, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска го продолжува на улица, со блокада од 7 до 10 часот на влезот на Скопје на раскрсницата во населбата Автокоманда на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16 Македонска бригада“, а ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна.
Поради блокадата, МВР најави дека утре во посочениот период ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај на сите сообраќајници што гравитираат околу крстосницата на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16. Македонска бригада“.
– Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици, соопштија од МВР, апелирајќи до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива протестот.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) информираше дека Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ дискутирало за активностите кои се спроведуваат со генералниот штрајк, посочувајќи дека незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и поради тие причини решиле да продолжат со други форми на синдикален притисок и незадоволството да го изразува на улица.
– Пораката ќе биде јасна за пратениците кои не даваат поддршка и глас за предлог-амандманот на ССМ, зошто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза, се вели во објавата на ССМ.
Од ССМ, исто така, укажуваат на работниците и на граѓаните однапред да го планираат своето движење во наведениот период и да ја избегнат раскрсницата на булеварот „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“ или солидарно да им се придружат.
ССМ смета дека сите работодавачи треба да ги следат примерите од локално ниво каде што штрајкот е со успех и работниците го добиваат заслуженото и одработеното усогласување на платите за 2806 денари што е едно од главните барања и главна причина за штрајкот.
Вработените во јавниот сектор, посочуваат од ССМ, се солидарни како никогаш до сега, а работниците во јавниот сектор кои добија усогласување на платите овие три изминати денови штрајкуваат и за работниците кои не добија солидарно усогласување на нивните плати за 2806 денари.
И натаму останува во сила одлуката дека вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места, но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.
Инаку, во саботата вечерта Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ одржа итна седница на која е донесена едногласна одлука за ставање во мирување на генералниот штрајк во регионите на општините Делчево, Виница и Демир Капија, кои тој ден беа погодени од невреме, заради потребата од ставање на сите расположливи капацитети за справување со последиците од елементарната непогода. Штрајкот ќе биде во мирување до завршување на потребата за ангажирање на дополнителни капацитети за справување со последиците од невремето во погодените региони.
– По информации добиени од штрајкувачите од погодените региони од невремето, како и заради ограничувањата предвидени со правилата за генералниот штрајк неопходно беше да се донесе Одлуката врз основа на која 100 отсто од вработените во јавниот сектор во погодените региони, а кои штрајкуваат ќе бидат ставени во функција за расчистување на последиците од невремето. Нашите колеги браќа и сестри синдикалци се веќе на терен и истите помагаат на најпогодените, информира за МИА од ССМ.
Во рамки на генералниот штрајк, членовите на ССМ во петокот одржаа протест пред Министерството за финансии, од кој претседателот на ССМ Дарко Димовски испрати апел до министерот за финансии да го прифати барањето за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари. бидејќи како што посочи, тоа е издржано согласно покачувањето на цените на храната, нафтените деривати, електрична енергија.
– Денеска сме пред Министерството за финансии каде бараме од целото Министерство вклучително и од службите да го вметнат нашето барање за линеарно зголемување од 2806 денари за секој работник, сакаат преку амандманот поднесен од ССМ во Собранието на Македонија, сакаат преку Општиот колективен договор за јавниот сектор. Апелираме до министерот за финансии да го прифати нашето барање, изјави Димовски.
Генералниот секретар на ССМ, Трпе Дејановски изјави дека вработените не бараат луксуз, туку начин како да ја преживеат инфлацијата.
На собирот пред Министерството за финансии се појавија и неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, СПМ и Беса, кои дадоа поддршка на барањето на ССМ и посочија дека во рамки на комисиската расправа за ребалансот на Буџетот, на крајот ќе гласаат за амандманот како предлог на Комисијата. Пратениците испратија повик од СДСМ и ДУИ да гласаат за овој закон, или дури и самите да го предложат како амандман со цел да се излезе во пресрет на работникот.
Барање за поддршка на амандманот упати и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), нагласувајќи дека се обратиле до сите пратеници во Собранието со барање за негово прифаќање, со што би се помогнало и на најсиромашните работници во приватниот сектор. Конфедерацијата бара и на сите работници во приватниот сектор кои се со плати од 18.000 до 21.000 да им се исплати парична помош од три пати по 3.000 денари, а тие со плати од 21.000 до 24.000 да добијат исто така парична помош три пати по 2.000 денари.
Од КСС порачаа дека кои било од пратениците е против овој амандман и гласа за негово отфрлање, ќе ги сметаат како „непријатели на работниците“.