Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш ќе присуствува на отворањето на зимската Олимпијада во Пекинг со порака дека Игрите мораат да бидат инструмент за мир во светот.
Веста за неговото доаѓање во Пекинг доаѓа во време на дипломатски бојкот, кој први го објавија Соединетите Американски Држави, а се приклучија и Австралија, Велика Британија, Канада и Јапонија, во знак на протест поради состојбата со човековите права во Кина.
Од своја страна, земјата домаќин на Зимските олимписки игри (ЗОИ) експресно демантираше наводно кршење на човековите права во Кина и го осуди бојкотот како предавство на олимписките принципи.
– Олимписките игри се исклучително важен настан и тоа е настан, кој ја симболизира улогата на спортот во зближување на луѓето и промовирање на мирот. Во тој контекст и без каква и да е политичка димензија, планирам да бидам присутен на отворањето со порака дека Олимписките игри мораат да бидат инструмент за мир во светот, изјави синоќа Гутереш на прес-конференција во седиштето на ОН во Њујорк.
ЗОИ ќе се одржат од 4 до 20 февруари во Пекинг, додека Зимските параолимписки игри во кинеската престолнина се на програмата од 4 до 13 март.