Итно да престане репресијата што врз Комората на геодетски друштва и геодетите ја врши раководството на Агенцијата за катастар на недвижности и да се донесе новиот Тарифник за работа на приватните геодетски компании, побара претседателот на Комората, Никола Рибаровски.

Директорот на Агенцијата пред два месеци целосно неосновано и спротивно на законоската регулатива на Комората на трговски друштва по втор пат и ги одзеде јавни овластувања.  Одлука за одземање на надлежностите имаше и во 2021 година, но Комората тогаш по судски пат, најпрво со времена мерка, а потоа и со конечна пресуда ги врати назад одземените јавни овластувања.

„Во април годинава, Агенцијата исплати судски трошоци на Комората, од државна каса, затоа што во судска постапка се докажа дека тоа е направено спротивно на законот. Но и покрај тоа шест месеци подоцна директорот на Катастарот повторно го прави истото“, истакна Рибароски.

Надлежностите на Комората овој пат се одземени, затоа што директорот на Катастарот не дозволува да се почитува мислењето на Државната комисија за спречување на корупција која утврди дека во Управниот одбор на Комората не треба да има тројца претставници на Агенцијата, поради постоење на судир на интерес, за што побара да се направат и итни законски измени.  По овој став на Комисијата претставниците на Агенцијата престанаа да доаѓаат на седниците на Управниот одбор, по што Собранието на Комората ги разреши од функциите.

„После два месеци од овој чин, директорот задоен во својата суета и неговите неколкумина следбеници измислија дека Собранието кое е највисок орган на Комората нема право да разрешува членови на Управниот одбор, односно дека тоа може да го стoри само тој“, истакна Рибаровски.

Претседателот на Комората додава дека, се оди и чекор понатаму со тоа што директорот на Агенцијата за катастар минатата недела направи измени на правилникот за издавање на лиценци, со што Агенцијата ја презема оваа надлежост.

„Овој правилник е противзаконски бидејќи во законот е јасно напишано дека тоа го прави Комората. Згора на се во прилогот на изменетиот правилник за изгледот на лиценцата директор го ставил своето име и презиме, што само укажува дека правилникот е направен по негов рецепт. Јавно ја прашуваме Владата, дали некој има контрола врз работата на овој самопрогласен моќник олицетворен во директор на Агенцијата“, прашува претседателот на Геодетската комора.

Со репресијата се оди и чекор понатаму, па последниве десет дена се прават вонредни контроли за да се најде било каква грешка кај фирмите, а за две компании се води постапка  за одземање на лиценците за работа за сторени ситни прекршоци, без соодветен правен основ. Симптоматично е тоа што овие прекршоци се контатирани во јули и септември, а постапката за одземање на лиценца се покренува кога на Комората и се одземени јавните овластувања.

„Се излекува заклучок дека надлежностите на Комората се одземени за да може некој да се пресметува со геодетските друштва, како со најголеми душмани. Кога Комората ги имаше јавните овластувања, успешно успеваше да ги одбрани своите членки од репресијата на Агенциајта“, потенцираше претседателот на Комората.

Како посебен проблем се издвојува не носењето на нов Тарифник за работа на приватните геодетски компании. По интензивен притисок од Комората се договори донесување на овој Tарифник, кој на 15 месецов конечно е усвоен од страна на Управниот одбор на Агенцијата за катастар. По ова усвојување, Тарифникот треба да биде доставен до Владата на РСМ, на негово конечно усвојување, но туку повторно се прави опструкција и документот се чува во нечија фиока.

Сите овие дејствија и начинот на работа на Агенцијата е видлив и за меѓународната заедница, што се покажува во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на нашата земја, каде се констатира дека нема никаков прогрес во регистрација на правата на сопственост и дека процедурите за тоа се многу долги и скапи, што се должи и на тоа што Агенцијата ги поскапе своите услуги и до 500 отсто.

“Имам одговорност да ја информирам јавноста дека револтот на нашите членки е толку голем, што скоро сите повикуваат на превземање на радиклани чекори со цел да биде слушнат гласот на приватните компании и да се најдат решенија за спас од овие погубни политики. Сите граници на разумно трпение се поминати. Многу пати за овие и многу други проблеми се обративме и до Владата, но и од таму нема понудени решенија за надминување на овие проблеми. Од овие причини предупредуваме дека врз основа на одлуката на Управниот одбор на Комората, даваме рок до 20.01.2024 година да биде донесен тарифникот од страна на Владата и веднаш да бидат прекинати репресивните мерки према приватните геодетски компании. Во спротивно, Комората ќе го организира своето членство на превземање радикални чекори за што јавноста ќе биде дополнитлено информирана пред истекон на овој рок. За проблемите со кои се соочуваме ќе се обратиме и до странски амбасади и претствништва во земјава. Но, искрено посакуваме да се најде решение и да не дојде до превземање на радикални чекори“, истакна Рибароски.

На крајот, Претседатлот на Комората го повика директорот на Агенцијата на јавно соочување.

“ Г-дине Тунџев или како милувате да ја нагласите вашата титула докторе Тунџев, во секој допис до Комората нагласаувте дека Комората работи незаконски. Минатата година бегавте од јавно соочување, бегате и сега. Ајде одважете се, одберете медиум и новинар, понесете ги со себе дури и сите ваши советници и да излеземе на јавен мегдан, па да види пошироката јавност каков Директор има оваа важна инситуција и на чија страна се аргументите за незаконското работење. Професионалата јавност тоа веќе добро го знае! “