Проблемите меѓу Бугарија и Македонија нема да се решат со агресија, туку само со емотивно зближување на дневна основа.

Ова го изјавил поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски за бугарскиот весник „Дневник“, по провокативните изјави од бугарските политичари Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов, за време на минатонеделното чествување во Скопје на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева.

– Луѓето кои се занимаваат со активна политика, разбираат дека Џамбаски не ја претставува бугарската држава. Но, оние кои сакаат тензијата да продолжува, тоа го претставуваат така. Тие се повикуваат на фактот дека тој сѐ уште е европратеник. Ова е одлична храна за сите кои сакаат омразата меѓу Македонија и Бугарија да продолжува и никогаш да не престане (…) Многу македонски Бугари се срамат да дојдат покрај Џамбаски. Жално е што обичниот граѓанин не разбира дека тој е поединец кој прави пиар. Некој треба да му објасни: тој со својата политика никого не штити, само ги изложува на опасност луѓето кои сакаат пријателство со Бугарија, вели Георгиевски.

Експремиерот пренесува порака од многу пријатели во Македонија за Џамбаски да престане со таа бабаитска политика.

– Кога Џамбаски вели ‘Македонија е бугарска’, заборава дека во принцип Македонија е грчка. Оваа дискусија ја водеа Македонија и Грција 30 години. Бугарија ја немаше никаде во таа дискусија. Таа доброволно се откажа да учествува, да оди во Солун или во Кавала да објасни дека Македонија е бугарска, изјавил Георгиевски.