Сите сфаќаме дека новото раководство на С. Македонија може идеолошки да има поразлично мислење, но постојат прашања што се и над нивната волја. Не се работи за прашање на самоопределување на функционерите, политичарите, ова сите го сфаќаме, туку се работи за почитување на договореното, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, посочувајќи дека тие бараат целосно усогласување со Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија порача дека „од моментот кога еден меѓународен договор се ратификува од Парламентите стекнува моќ повисока од законите и никоја од двете страни не може еднострано да го ревидира“ и дури и да не се согласува со она што е вклучено во договорот, „мора да го спроведува“.
-Името РС Македонија во Договорот од Преспа, согласно член 20, не може под никоја околност да се измени. Прашањето за името не е од оние прашања што може да се изменат, дури ни со заемна согласност. Па така, никаде не се покренува прашање за измена. Онака како што е договорено од двете страни и е ратификувано, ги обврзува и денешниот грчки политики поредок и политичкиот поредок на С. Македонија, објасни Герапетритис.
За можноста Грција да стави вето на европската перспектива на земјава, шефот на грчката дипломатија објасни дека ветото е „институционално право на земјите членки на ЕУ“ и повтори дека почитувањето на Договорот од Преспа е предуслов за напредок кон Унијата.
-За С. Македонија, доследното спроведување на Договорот од Преспа, претставува јасен предуслов за нејзиниот интегративен тек, односно претставува предуслов за напредок на интегративните процеси, рече шефот на грчката дипломатија и додаде дека тие одблиску ги следат случувањата.
Се осврна и на, како што рече, брзата реакција и на Грција и на ЕУ и откри дека на иницијатива на грчкото МНР веднаш биле информирани европските власти, односно дека „постои координирана реакција во правец на усогласување“.
Во утринското интервју за државната телевизија ЕРТ, Герапетритис неколкупати повтори дека бараат „усогласување со Договорот од Преспа и од другата страна“, уште еднаш објасни дека иако ставот на Нова демократија како опозиција беше поразличен, сега како Влада „во рамките на континуитетот на државата и на уставниот мандат дека не може која било Влада еднострано да ревидира договори“, тие го спроведуваат.
За трите меморандуми што сè уште не се ратификувани во грчкиот Парламент, посочи дека последните случувања ја оправдуваат нивната политика и додаде дека ратификацијата зависи од целосното усогласување со договореното.
-Ние ќе ги донесеме во Парламентот кога ќе постои клучното политичко време, односно кога ќе биде убедена грчката страна дека постои целосно усогласување. Сите знаеме дека постојат точки за кои соседната земја не се има усогласено, рече шефот на грчката дипломатија.