Грција е земја со владеење на правото и го почитува правото на слободно изразување и правото на собири, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, одговарајќи на пратеничко прашање за форумот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во Солун и објасни дека станува збор за приватен собир, „приватна иницијатива, со исклучително ниско влијание“, јави дописничката на МИА од Атина.

Обединета македонска дијаспора заедно со НПО Крсте Мисирков, на 19 октомври во Солун го организираа вториот Форум за човекови права („2nd Thessaloniki Human Rights Forum“) со цел „подигнување на правата на малцинствата во Грција“, а независниот грчки пратеник Михалис Хурудакис со пратеничко прашање под наслов „Продолжуваат опасните провокации во срцето на Македонија“ побара одговори од министерот за надворешни работи на Грција.

-Грција е земја со владеење на правото и како таква мораме да ги почитуваме принципите што произлегуваат од правото на слобода на изразување, правото на собирање и правото на здружување, кои се државна уставна обврска, рече Герапетритис, а на прашањето на пратеникот за тоа како организирале настан на грчка територија и без проверка од МНР, објасни дека „за прашањата што се однесуваат на приватни собири, според Уставот не е предвидено доделување дозвола“.

Посочи дека единствениот случај на контрола што можеше да се изврши е контрола од Министерството за заштита на граѓаните за почитување на јавниот ред, кое е надлежно за собирите на јавни места со присуство на полицијата.

-Конкретно, за прашањето што го споменавте, ќе треба да нагласам дека влијанието на конкретниот форум е исклучително неважно. Луѓето кои присуствуваа беа малку, многу малку, многу мал број, рече шефот на грчката дипломатија.

Независниот пратеникот посочи дека создава загриженост тоа што организаторите или имаат блиски односи со САД или се од САД, на што Герапетритис одговори дека „не постои вмешаност на која било странска држава“.

-Сакам да Ве уверам дека Министерството за надворешни работи, како и сите служби на државата одблиску ги следи активностите на такви групи. Сакам да Ве уверам дека во конкретниот момент, не постои апсолутно никаква опасност од постоењето на конкретната мрежа, ниту постои вмешаност на која било странска држава во конкретната тема. Станува збор за чисто приватна иницијатива, со исклучително ниско влијание, рече Герапетритис.

Паралелно посочи дека грчкото МНР и државата ги следат правата на малцинствата, односно на муслиманското малцинсто во областа Тракија.