Пратеникот на ГЕРБ-СДС, Тома Биков за Бугарското национално радио изјави дека не мисли дека лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, ќе се кандидира за претседател на Бугарија на претстојните претседателски избори на 14 ноември, јави дописникот на МИА во Софија.

– ГЕРБ би номинирал кандидат врз основа на концепт. Профилот на кандидат за претседател на ГЕРБ треба да биде профил на личност способна да биде центар на политичкиот дијалог, што треба да започне да ја враќа улогата на претседателството како простор во кој најтешките политички противници можат да седнат на иста маса и да постигнат согласност за главните прашања, вели Биков.

Според него, кандидатот на ГЕРБ за претседател на Бугарија треба да може да ги привлече сите оние кои не го сакаат сегашниот претседател Румен Радев.

Биков рече дека ГЕРБ размислува за претседателски кандидат меѓу неколку кандидати, меѓу кои и Петар Стојанов, кој беше претседател на Бугарија во периодот од 1997-2002 година. Тој смета дека Стојанов е една од позитивните фигури во последните 30 години во Бугарија.

Според Биков, тој е најуспешниот претседател на Бугарија, бидејќи ја извадил земјата од работ на граѓанска војна од почетокот на 1997 година и благодарение на него земјата станала членка на НАТО и ЕУ. „Само тој имаше квалитети да биде претседател“, рече Тома Биков.

Петар Стојанов имаше многу добри односи со македонскиот претседател Борис Трајковски и голем број политичари во Скопје.