Германската влада се обиде да добие дополнителни информации во врска со извештаите дека Соединетите Држави го користеле партнерството со Данска за да шпионираат високи претставници на соседните земји, вклучувајќи ја и германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави денеска портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт.

„Сојузната влада посвети внимание на извештајот и е во контакт со сите релевантни национални и меѓународни тела за појаснување“, рече портпаролот на редовната прес-конференција, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Информациите дека Соединетите Американски Држави ги шпионирале своите сојузници излегоа првпат на виделина во 2013 година, но новинарите дури сега добиле пристап до извештаите, овој пат со детали за поддршката на НСА од страна на данската разузнавачка служба (ФЕ), пишува „Дојче веле“ (ДВ), повикувајќи се на истрага од европски медиуми.

Пред неколку години и германски медиуми објавија информации дека Меркел била прислушувана од САД, на што американските служби, исто така преку германски медиуми, во своевидна преписка меѓу ЦИА и БНД, одговорија дека сите информации што им требаат и сите операции кои сакаат да се изведат, за нив ги врши германската служба, а потоа им ги доставува податоците.

По овие сознанија за прислушување на Меркел, германскиот јавен обвинител отовори случај, но како што го отвори, набрги потоа и го затвори.

Сегашните информации за прислушување на Меркел кое за Американците се врши преку данската служба, се трети по ред. Извори на тајните служби ги пренесувале информациите на тим кој вклучува дански, шведски и норвешки радиодифузери, како и францускиот весник „Ле Монд“, германскиот „Зидојче цајтунг“ и германските јавни радиодифузери НДР и ВДР.

Ниту Меркел, ниту Штајнмаер немале никакво знаење за шпионските операции, пишува ДВ.