Министeрките за надворешни работи на Германија и Франција ја повикаа Африканската унија (АУ) да покаже солидарност со Европа против руската инвазија врз Украина за време на посетата на седиштето на организацијата во главниот град на Етиопија.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека соработката меѓу Европската унија и Африканската унија е исто така неопходна за решавање на други големи кризи со кои се соочува светот, вклучувајќи ги климатските промени и недостигот на храна, како и вооружените конфликти и во Европа и во Африка, јави ДПА.
– Во овие времиња, кога нашиот мирен поредок во Европа е нападнат од руската агресивна војна, нам како Европејци ни е потребна поддршката од нашите пријатели и партнери ширум светот“, рече Баербок. „Овие заеднички кризи и предизвици можеме да ги решиме само заедно“, додаде таа.
Баербок ова го рече на заедничка прес-конференција со француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона и претседавачот на АУ Муса Факи Махамат.
Колона, исто така ја истакна важноста на мултилатералната соработка и рече дека руската агресија „ги загрозува основните принципи на Повелбата на Обединетите нации“.
Муса ја истакна германската и француската помош за АУ во борбата против теророт и насилството во Сахел и ги повтори повиците за африканско претставување во Советот за безбедност на ОН.
Тој го нарече „неправда“ тоа што Африка нема постојано место во Советот, „иако 70 проценти од работата на Советот се однесува на африканскиот континент“.