Претседателите на Израел и на Германија денеска ќе присуствуваат на церемонијата за одбележување на годишнината од оружениот напад врз израелските спортисти извршен за време на одржувањето на Летните олимписки игри во Минхен во 1972 година.
Комеморацијата по повод нападот за кој пет децении се водеше спор околу износот на надоместокот за семејствата на загинатите, ќе се одржи на аеродромот во близина на Минхен – местото на неуспешниот обид за спасување на израелските спортисти при што беа убиени девет Израелци, полицаец и петмина напаѓачи.
Договорот за компензација постигнат минатата седмица го спречи бојкотот на комеморацијата што го најавија роднините на убиените спортисти. Тие ќе добијат вкупно 28 милиони евра отштета, што е значително зголемување од првично понудените десет милиони евра. Покрај тоа, Германија се согласи да ги признае пропустите во справувањето со кризата, како и да дозволи и да им помогне на германските и на израелските историчари да ги истражат околностите на масакрот.
Роднините на убиените ја обвинија Германија дека не го обезбедила Олимпиското село, дека одбива помош од Израел и оти не успеала да ги спаси заложниците.
Еднодневната драма во Минхен почна во мугрите на 5 септември 1972 година, кога осум вооружени припадници на палестинската организација „Црн септември” ја прескокнаа необезбедената ограда околу Олимпиското село и упаднаа во зградата во која се наоѓаше израелската олимписка делегација, при што беа убиени тренерот во борење Моше Вајнберг и кревачот на тегови Јоси Роман.
Некои израелски спортисти успеаја да побегнат, но девет од нив беа заробени. За нивно ослободување киднаперите побараа од израелските затвори да бидат пуштени повеќе од 200 Палестинци, како и двајца германски левичарски екстремисти од затворите во тогашна Западна Германија.
Киднаперите притоа бараа авион и безбеден прелет до Каиро. По целодневните тензични преговори, на напаѓачите и на заложниците им беше дозволено да одат на аеродромот со два хеликоптери, каде беше подготвена заседа. Снајперисти распоредени на аеродромските објекти отворија оган, на што киднаперите одговорија фрлајќи бомба во едниот хеликоптер со заложници и ликвидирајќи ги останатите во другиот хеликоптер.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, веднаш по нападот на роднините на загинатите им биле исплатени 4,19 милиони западногермански марки, како и три милиони евра во 2002 година.
Во договорот за парична компензација за жртвите се пресметани и претходно исплатените средства.