Кремљ денеска ја осуди забраната за локално емитување на рускиот ТВ канал „RT“, наметната од германското регулаторно тело за медиуми.
-Тоа не е ништо друго освен напад врз слободата на изразување и можеме само да изразиме жалење, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Германското регулаторно тело за медиуми вчера соопшти дека забранува емитување на руската телевизија „РТ ДЕ“ на германски јазик, на која претходно и беше забрането емитување преку сателит.
Рускиот државен медиум „RT DE“, порано познат како „раша тудеј“, почна да емитува програма на својата веб-страница на 16 декември, повикувајќи се на дозвола за емитување добиена во Србија од Регулаторната управа за електронски медиуми (РЕМ), која дозволува телевизија да емитува програма во Германија во согласност со европското право.
Германското регулаторно тело оцени дека српската дозвола за радиодифузија е недоволна бидејќи компанијата што ја произведува програмата „RT DE“ е со седиште во Берлин и нејзина цел е германската публика.
Забраната е објавена во време на многу тензични односи меѓу Русија и Европските земји поврзани со украинското прашање, бидејќи Западот стравува дека Москва има намера да ја нападне Украина.
„RT“, лансирана во 2005 година под името „Раша Тудеј“, е финансиран од државата и со емитерите и веб страниците се разви на неколку јазици, вклучувајќи англиски, француски, шпански, германски и арапски.