Германскиот министер за труд Хубертус Хајл најави дека ќе предложи закон со кој ќе се заштити правото на работа од дома и по завршување на пандемијата со Ковид-19, доколку постојат технички услови за тоа.
– Можноста да работи од дома треба да ја има секој кој сака и на кого работата му го дозволува тоа и по завршување на пандемијата со коронавирусот. Сакаме да овозможиме работа од дома во голема мера, а не на сила, посочи Хајл.
Тој додаде дека луѓето би можеле да избираат дали постојано ќе работат од дома или еднаш или двапати неделно.
Хајл истакна дека на есен ќе се обиде да издејствува усвојување на таков закон.
Во Германија според првичните процени оние кои работат од дома се зголемил од 12 на 25 проценти (околу осум милиони луѓе) за време на пандемијата со Ковид-19.
Владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД), чиј член е и Хајл, уште во декември, пред пандемијата, побара да се воведе правото за работа од дома. Но, предлогот беше отфрлен од Конфедерацијата на здруженија на германските работодавачи.