Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека приврзаниците на Хамас треба да бидат депортирани од земјата, во случаи каде што е тоа можно.

Таа најави дека властите внимателно ќе ги следат потенцијалните исламистички напаѓачи. Зградата на еврејската заедница во центарот на Берлин, во која има и синагога и градинка, беше нападната со молотов коктел ноќта меѓу вторникот кон средата.

Канцеларот Олаф Шолц тогаш најави зајакнување на безбедносните мерки околу објектите на еврејската заедница во Германија, пренесува Гардијан.

„Ако можеме да ги депортираме поддржувачите на Хамас, мораме да го направиме тоа“, им рече Фезер на новинарите по разговорот со претставници на Федералната канцеларија за криминалистичка полиција.

„Нашите безбедносни власти во моментов се уште повеќе фокусирани на исламистичката сцена“, додаде Фезер. Таа го наведе неодамнешниот напад во Брисел како пример за закана што настана поради тензиите предизвикани од конфликтот меѓу Израел и Хамас. Напаѓачот во понеделникот уби двајца шведски државјани во главниот град на Белгија.