Германската сојузна покраина Баден-Виртемберг бара отштета од Фолксваген откако локалните власти купиле возила со дизел мотори, а сега се соочени со забрана за влез во градови како Штутгарт.
Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави дека цените на возилата со дизел мотори се намалени откако суд минатата година нареди градовите да разгледаат воведување забрана за постари автомобили за да бидат во согласност со регулативи на ЕУ за емисија на штетни гасови.
Според весникот, покраинските власти поднеле тужби во суд во Штутгарт и бараат милионска отштета од Фолксваген.
Германскиот производител на автомобили не ја потврди засега информацијата на весникот.
Парите од даночните обврзници се потрошени за купување и изнајмување возила со дизел мотори за потреби на полицијата, и не е прецизирано колку пари изгубила покраината Баден-Виртемберг.