Уште една интересна приказна е објавена на Фејсбук страницата на Lexicon of foreign painters in Macedonia. Овојпат за тутунот кој во Германија на почетокот од минатиот век го увезувале браќата Хајнрих и Аугуст Нојбург за нивната штотуку отворена фабрика со која сакале да му помогнат на нивниот измачен татко, кој исто така садел тутун и на откупци го продавал за ситен ќар.

Во продолжение целата приказна со Сонцето од Македонија што и денес грее во Германија:

Тешко се печалат пари од одгледување на тутун. Тутунот е култура кој бара тешка работа на и надвор од полето во најтоплите месеци од годината.

На почетокот на 20-тиот век, браќата Хајнрих и Аугуст Нојбург (Heinrich , August Neuerburg) од германското гратче Триер на самата граница со Луксембург сакале да му помогнат на својот измачен татко кој садел тутун и го продавал на откупци за ситен ќар. Во 1908 година ја формираат компанијата за цигари Haus Neuerburg, која наместо да продава тутун на големо или пак тутун за виткање во кутиче, изработувала кутија со веќе свиткани цигари. Со вака веќе свитани цигари, браќата можеле да стават поголема маржа на профит по кутија.


Браќата започнале со производство на цигарите именувани со Löwenbrück, и Güldenring – именувани според германските региони од каде доаѓал тутунот. Првите години од бизисот им биле тешки.

Тогаш браќата Нојбург веднаш увиделе дека во бизнисот со цигари, можеби најбитна е – рекламата. Да се запали цигара е да се вкуси некаква авантура од далечните земји кои најголемиот дел од муштериите нема да имаат шанси да ги посетат. Вкусениот чад од цигарата ќе им биде единствен допир со овие егзотични светови.

Се решиле да увезат тутун од најегзотичниот регион во Европа – #Македонија. Тутунот потекнувал од југоисточна Македонија – Струмица, Кавала, Серес, Ксанти. Во 1928 година започнуваат со продажба на новата марка цигари – “Overstolz” – или „Гордост“, со рекламна порака „Сонцето од Македонија“ (“Sonne Aus Macedonien”). За таа цел го најмиле уметникот за реклами Киснер (Kissner – сеуште работам на негова идентификација) кој изработува рекламен постер и серија на рекламни написи кои биле во весниците од тоа време.

На рекламниот постер од 1928 година, Киснер ја претставил земјината топка облиена во топлината на сонцето, каде што еден најсветол зрак ја осветлува Македонија. Рекламните пораки „Сонцето на Македонија“ и „Македонска Гордост“ се поставени во горниот и долниот дел од рекламата. Логото на компанијата „ Haus Neuerburg“ е поставено горе лево.

Рекламните статии во весниците за соратата „Гордост“ изобилувале со ориентална романтика. Македонија била опишана како регион во кој што се измешале многу култури, вери и јазици во една ориентална хармонија. Македонскиот тутун по квалитет се споредувал со тутунот од Бразил, Куба и Суматра.

Бизнисот тргнал. Цигарите „Гордост“ биле голем успех. Браќата отвориле втора фабрика во Келн. Во 1959 година ја продаваат фирмата за огромни пари на американскит тутунски гигант JR Raynolds, и започнуваат со производство на сортата Camel. Во 1999 година, JR Raynolds е купен од јапонскиот тутунски гигант Japan Tobacco или JT International. Марката „Гордост (Overstolz)” е единствена марка која ги преживеала сите овие финансиски турбуленции и се уште се продава и до ден денес. И после скоро 100 години „Сонцето од Македонија“ сеуште свети.

(Подготви: Д. Г.)