Се проценува дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ без договор (тврд Брегзит) ќе загрози 612.000 работни места низ светов, од кои 179.000  во самата Европска унија

Германските економисти Ханс Улрих Брауц и Оливер Холтемолер, од Институтот за економски истражувања и Универзитетот Мартин Лутер, во својата студија се занимаваа со можните последици од Брегзит за германската економија и заклучија дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ без договор (тн. тврд Брегзит) може да резултира со 100.000 изгубени работни места, пишува Велт ам Сонтаг.

Германија, тврдат тие, од сите члнеки на ЕУ би можело да претрпи најтешки последици од тврд Брегзит.

Според студијата на двајцата економисти, најзагрозена е автомобилската индустрија во Баварија и Волфзбург, каде што седишта и фабрики имаат БМВ и Фолксваген.

– Ниту во една друга земја влијанието на вкупната вработеност не би бил толку голем како во Германија, каде би биле погодени околу 100.000 луѓе, вели Холтемолер, едниот од авторите на студијата.

Покрај Германија, најмногу е загрозена и Франција, каде што тврд Брегзит би довел во опасност околу 50.000 работни места. Севкупно се проценува дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ без договор би загрозил 612.000 работни места низ светот, од кои 179.000 внатре во самата ЕУ. Надвор од ЕУ, со тврд Брегзит, најмногу работни места, околу 60.000, би биле загрозени во Кина.

Со оглед на меѓусебната стопанска соработка и трговска размена, процентуално најголеми штети од тврд Брегзит ќе претрпат Ирска и Малта.