Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ќе ја посети Молдавија, каде што ќе се сретне со претседателката Маја Санду и со премиерот Дорин Речеан, пренесе ДПА.
Главната тема на разговорите ќе биде влијанието на руската војна против Украина врз оваа држава со население од околу 2,6 милиони жители.
Владата на Молдавија ја обвинува Русија за кампањи на дезинформации и намерни обиди за дестабилизација на државата. Москва има распоредено свои воени сили во сепаратистичкиот регион Приднестровје.
„Ќе се разговара и за влијанието на руската агресивна војна против Украина врз Република Молдавија“, се наведува во соопштението на германската влада, додавајќи дека пристапот на Молдавија во Европската Унија и поддршката на Берлин за Кишињев за време на пристапниот процес, исто така, ќе бидат дискутирано.
Шолц ја посети Молдавија минатата година во врска со европскиот самит, но денешното негово патување претставува прва билатерална посета на германски канцелар во последните 12 години.
Од 2018 година, Берлин има обезбедено воена помош за Кишињев во износ од над 41 милион евра, со што Германија е на петто место меѓу најголемите донатори на оваа источноевропска земја.
Во 2022 година, Молдавија и Украина добија статус на земји-кандидати за членство во ЕУ.
Во октомври годинава, во Молдавија ќе се одржат истовремено претседателски избори и референдум за тоа дали приклучувањето кон ЕУ треба да биде запишано како цел во Уставот.
фото: архива