Германија во рок од неколку дена ќе и го испорача првиот од четирите противвоздушни ракетни системи ИРИС-T СЛМ на Украина, соопшти денеска германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт.
„Обновениот ракетен истрел против Киев, како и против многу други градови, покажува колку е важно Украина брзо да биде опремена со системи за противвоздушна одбрана. Руските ракетни и беспилотни напади пред се го тероризираат цивилното население. Затоа сега даваме поддршка, особено со оружје за противвоздушна одбрана“, додаде таа.
Русија утринава нападна градови во неколку украински региони, при што загинаа цивили, а прекината е струјата и греењето.
Германија ги осуди руските напади врз украинските градови и вети дека ќе помогне во санирањето на штетите на граѓанската инфраструктура.
Штефен Хебестрајт, портпарол на германскиот канцелар Олаф Шолц, денеска објави дека во телефонски разговор Шолц го уверил украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Г7 е солидарна со Украина.