Главната партија во новата германска коалициска Влада, Социјалдемократската партија (СПД) денеска на партиска конференција планира да го избере новото партиско раководство, јави ДПА.
Актуелниот лидер на партијата, Саскија Ескен, и генералниот секретар Ларс Клингбејл треба да станат претседавачи на партијата. Клингбејл се кандидира за наследник на копретседавачот во заминување, Норберт Валтер-Борјанс.
Сојузниот извршен комитет, исто така, го предложи поранешниот лидер на младинското крило на партијата и заменик-претседател на СПД, Кевин Кухнерт, за нов генерален секретар.
Претседателот на партијата во покраината Северна Рајна Вестфалија, Томас Кутшати, треба да го преземе испразнетото заменичко место од Кухнерт.
Кутшати пред конференцијата на СПД изјави дека партијата мора јасно да стави до знаење дека се залага за повеќе од договореното во коалицискиот договор со Зелените и про-бизнис Слободните демократи (ФДП).
-Партијата се уште е во средина на процесот на модернизација, рече тој. „Тоа сега не смее да запре“, изјави утрин ава Кутшати за радио Дојчландфунк.
Тој рече дека СПД постигнала многу во коалицискиот договор, но се залага за „малку повеќе“.
-На пример, за подобар и поправеден даночен систем, рече тој.
Кутшати сака да придонесе за натамошниот развој на партијата и да стане заштитно лице на партијата покрај нејзиното претставување во владата и пратеничката група во Бундестагот.