Германската тајна служба БНД очигледно сосема погрешно ја процени ситуацијата во Авганистан. Поради лошите разузнавачки податоци сега се случува драмата на аеродромот во Кабул. А опозицијата дома има многу незгодни прашања.
Кога пред неколку дена пред пратениците се појави Бруно Кал, шефот на разузнавачката служба БНД, за да им објасни што се случило во Авганистан, многумина седницата ја напуштија запрепастени. Како што рекоа, Кал всушност призна дека БНД воопшто не сметала дека талибанците ќе се прошетаат до центарот на Кабул и толку лесно ќе ја преземат власта.
БНД, германската служба која делува во странство, претрпе драматичен пораз во Авганистан, ставајќи ја владата на Ангела Меркел во непријатна позиција. Бидејќи, уште во јуни, шефот на дипломатијата, Хајко Маас, во парламентот ја отфрли можноста „талибанците да ја преземат власта за неколку недели“. Се претпоставува дека неговата прогноза се базирала на проценките на германските тајни служби, пренесува Дојче веле.
Сојузната влада редовно добива информации за општата безбедносна состојба од БНД, Службата за внатрешна безбедност и воената тајна служба МАД. Но, очигледно сите тие, пред се БНД, целосно го занемарија фактот дека по повлекувањето на странските војници од Авганистан, германските граѓани и авганистанските соработници толку брзо ќе се најдат во најголема опасност.
Во прилог на тоа зборуваат избрзаните мерки за спасување на аеродромот во Кабул. Сега и владата и БНД се изложени на серија критични прашања и решенија од опозицијата – само еден месец пред изборите во Германија.
Малку луѓе на терен
Герхард Конрад, поранешен висок агент на БНД, вели дека тајните служби мора да имаат бројни соработници на терен, што, како што рече, најверојатно не било случај во Авганистан.
-Мора да ги знаат движењата на противниците, на талибанците. Тие, исто така, мора да ги знаат силите, намерите на владата, рече Конрад за јавниот сервис АРД.
Пратеникот на партијата Левица, Андре Хан, претпоставува дека Германците се потпирале на информации од американските служби.
-БНД целосно потфрли во сопственото знаење, вели Хан за ДВ. „Зошто воопшто ни е потребна таква разузнавачка служба“, се прашува тој.
„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека американските служби уште во јули предупредиле за можната брза победа на талибанците. Засега нема официјална потврда за тие информации.
Како Талибанците успеаја да ја преземат власта во еден момент? Ова е и прашањето на експертот за Авганистан, Јан Келер, чии експертски проценки беа побарани во Комисијата за надворешна политика на германскиот парламент.
-Брзата победа на талибанците беше големо изненадување за добро поврзаните авганистански и хуманитарни организации кои дејствуваа таму со децении, вели Келер.
Тој има можно објаснување за „ненадејната смрт на режимот“ на претседателот Ашраф Гани, кој избега во странство: пад на моралот на авганистанската армија. Таа очигледно, претпоставува овој професор, немала доверба во сопствената влада, па се предала. Келер верува дека такво нешто можело да се предвиди, но дека брзината со која се случило била „посебно драматична“.
Канцеларката Ангела Меркел како сведок
Келер смета дека владата во Берлин и Бундесверот немале многу простор за акција – се беше, вели, запечатено во Вашингтон кога поранешниот претседател Доналд Трамп почна директни преговори со талибанците.
-Талибанците сигурно го сфатија тоа како капитулација, убеден е Келер. Тој ја исклучува можноста сојузниците на Американците, вклучително и Германија, воопшто да биле прашани за мислење. И тогаш повлекувањето на американските војници беше забрзано со одлука на претседателот Џо Бајден.
За БНД и канцеларијата, анализата на направените грешки штотуку почна, а со неа сигурно ќе се позанимава и новиот состав на Бундестагот, по парламентарните избори на 26 септември. Можеби во форма на парламентарна анкетна комисија. Тогаш Ангела Меркел сигурно ќе треба да сведочи затоа што БНД е под јурисдикција на канцеларката.
Таа потоа ќе сведочи како пензионер – се повлекува од политиката по изборите – но ќе мора да ја преземе одговорноста за евентуалната утка на тајните служби во Авганистан за време на нејзиниот мандат.