Пред повеќе од една година Снежана Катарова, одделенски наставник по македонски јазик, реши да ја напушти родната Гевгелија и да се пресели во Словенија.

Имаше среќа и во новата средина да продолжи да го работи тоа што најмногу го знае – да ги учи децата македонски јазик. Денес таа е единствената наставничка која одржува факултативни часови по македонски, во седум словенечки градови. Во пет работни денови таа мора да патува во седумте града каде што има дечиња, Македонци и Словенци, кои сакаат да ги научат македонскиот јазик и култура.

Госпоѓо Катарова, вие сте единствен наставник по македонски јазик овде, во Словенија. Има ли интерес за изучување на македонскиот јазик?

– Да, има сè поголем број ученици кои го изучуваат македонскиот јазик овде, во Република Словенија. Сè поголем број нашинци кои доаѓаат овде во Словенија пројавуваат интерес да се учи, да се продолжи со учење на македонскиот јазик и култура. Бројот се зголемува драстично, а имаме интерес од повеќе градови, но физички сè уште тоа не може да се издржи и секаде да ги задоволиме потребите на нашите иселеници во Република Словенија.

Во кои градови ги држите часовите, каде имате најмногу ученици?

– Јас сум ангажирана во седум града, и тоа Копер, Нова Горица, Ајдовчина, Дивача, Козина-Хрпеље, Љубљана и Крањ. Оваа година поголем интерес се појави во Козина-Хрпеље, каде што имам околу 12 ученици, и во Ајдовчина минатата година имавме четири ученици, а оваа година се седум. Очекувам и следната година тој прилив на ученици да биде сè поголем и да се јави поголем интерес и во другите општини каде што имаме наши иселеници во Република Словенија.

Дали можеби има словенечки дечиња кои сакаат да го изучуваат македонскиот јазик, а со тоа и македонската култура?

– Да, тоа баш е интересно оваа година. Имам три ученички во Козина-Хрпеље, кои изразија желба да го учат македонскиот јазик и се редовни на сите часови, воодушевени се од наставата. Сето тоа што ние го изучуваме, потоа им го презентираат дома на своите родители, кои дозволуваат нивните деца да ја посетуваат македонската настава.

Сте разговарале ли со нив, кој бил мотивот тие да се одлучат да го учат токму македонскиот јазик? Имаат соседи кои се Македонци или едноставно од интерес?

– Јас мислам дека прво е што се другарки и се заедно, таа е еден од мотивите, а потоа со доаѓањето на часовите по македонски јазик, гледаат дека изучувањето е интересно, интересни се буквите, споредуваат некои букви што се слични или различни од словеничките и тоа им причинува задоволство да ги научат јазикот и културата што ние ги изучуваме на тие часови.

Од каде црпите инспирација за толку набиена агенда? Мислите ли дека доколку и понатаму се зголемува интересот за учење на македонскиот јазик, ќе се јави потреба од уште еден човек што ќе работи со вас заедно, бидејќи ова е важно за македонскиот јазик?

– Да, инспирација црпам од тоа што се јавуваат самите родители и сакаат што поголем број ученици да се запишат на македонски јазик. Би сакала, зошто да не го прошириме тој дел на изучување на македонскиот јазик и во други градови. Зошто да не бидат тука присутни и други наставници, да има што поголем опфат на училишта и градови со часови на македонски јазик. Мислам дека ќе има потреба од тоа, има барања и од други делови на Словенија, каде што треба да се изучува македонскиот јазик.

Кои се вашите идни планови?

– Плановите? Јас би сакала што повеќе да го афирмираме македонскиот јазик, бидејќи минатата година учествував на два семинари, кои ги организираа словенечкото Министерство и словенечките училишта, каде што јас ги презентирав нашиот начин на изучување на македонскиот јазик и сето тоа што го учиме. Оваа година исто така ќе учествувам. Секаде каде што имам можност ги промовирам македонскиот јазик и култура и тоа е мотивот за мојата работа понатаму, да го зголемувам бројот на ученици, да имаме што поголем број ученици, поголем број учители, кои ќе бидат присутни овде, во Словенија, да се изучуваат македонскиот јазик и култура.

Александар Видиновски за МИА