Новата пречистителна станица за отпадни води во Гевгелија, што беше почната да се гради од претходната локална и централна власт во Република Македонија, денеска беше пуштена во употреба.

Таа е со капацитет на третман на отпадните води од 30.000 жители. Изградбата претставува трилатерален проект вреден 10,6 милиони евра, во чија изградба учествуваа Македонија, Швајцарија и Грција.

На пуштањето во употреба на станицата присуствуваа премиерот Зоран Заев, амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков, како и гости од Грција.

Премиерот Заев истакна дека ова е петта пречистителна станица за отпадни води, покрај оние во Струмица, Радовиш, Кичево и Прилеп кои веќе работат и овозможуваат значително поздрава и почиста животна средина.

– Вложувањето во изградбата на овие пречистителни станици е многу важно за чистата животна средина, подобрувањето на квалитетот на водата, како и за заштита и унапредување на здравјето на граѓаните. Во реката Вардар нема повеќе да се влеваат отпадни води од општина Гевгелија, туку прочистена вода, која ќе го подобри квалитетот на водата на реката Вардар низводно од Гевгелија и на тој начин ќе се исполнат барањата од рамковната директива за води, нагласи Заев.

Премиерот упати благодарност до граѓаните на Швајцарија и на Грција кои плаќајќи ги своите обврски овозможија да се реализира овој многу значаен проект за нашата земја. Според него, реализацијата на овој проект покажува дека регионалната соработка со соседите ќе носи бенефит и добробит за граѓаните на двете земји.

Амбасадорката Техада оцени дека проектот потврдува оти Македонија и Грција можат да соработуваат и да придонесуваат во создавањето на подобра животна средина и подобри услови за живеење.

– Овој проект ја доведува Македонија блиску до ЕУ и помага во исполнување на барањата од директивата за води. Гевгелија може да се радува што има пречистителна станица и да се гордее што нема повеќе да ја загадува реката Вардар. Сите сакаме да ја видиме Македонија во ЕУ со здрава животна средина и стандарди што ги исполнуваат сите други земји, рече Техада.

За грчкиот амбасадор Димитрис Јанакакис целта е остварена на најпрофесионален начин со исполнување на сите ЕУ стандарди во изградбата.

– Како соседна земја сме многу заинтересирани за квалитетот на водата на реката Вардар и затоа сме спремни да обезбедиме и техничка помош за управувањето со водата и одржување на животната средина со запазување на ЕУ стандардите и регулативите. Веруваме дека реализацијата на овој проект може да биде индикатор како заедничката соработка може да биде од корист за двете земји, рече Јанакакис.