Вчера, на 27.6.2022 г., електронската верзија на бугарски весник „Труд“ објави анализа на доц. д-р Спас Ташев од Институтот за истражување на населението и човекот при Бугарската академија на науки (со потесна научна специјалност меѓународни миграции, миграциски притисок и геодемографија) со наслов: „УДБА и создавањето на ВМРО-ДПМНЕ“
Текстот индиректно е посветен на Димитар Црномаров, кој меѓу другото бил член на Работното претседателство на Прилепскиот конгрес на новоформираната ВМРО-ДПМНЕ во април 1991 г., а во денешно време неговото име се поврзува со дејствувањето на клубот „Иван Михајлов“ од Битола и е претставник на бугарската заедница во Република Македонија. Анализата на доц. д-р Спас Ташев (ако може да се нарече анализа) е обид за поврзување на создавањето на ВМРО-ДПМНЕ со тајната југословенска служба, иако интересно авторот прескокнува да истакне дека политичка партија во раните 90-ти години беше прогласувана за пробугарска од политичките противници Сојуз на комунисти – Партија за демократска преобразба. Втората намера на авторот на текстот е да го прикаже Драган Богдановски, лидерот на македонската политичка опозиција во емиграција и идеен творец на ДПМНЕ (подоцна ВМРО-ДПМНЕ), како ангажирано лице од југословенските власти во борба против МПО. Како извори ги користи весникот „Македонска трибуна“, некакви анонимни соопштенија на МПО, искази на Љубчо Георгиевски, Вида Боева и веројатно на Димитар Црномаров.
Во еден дел од текстот, доц. д-р Спас Ташев тврди:
Кон крајот на 1950-тите, Белград заклучува дека за да успее македонската пропаганда во странство, мора да биде присутен умерен и контролиран антикомунизам. За таа цел се создава фиктивна група која постојано се преместува во Германија, Франција, Холандија или Шведска. Започна да се тврди дека во Европа тајно се свикуваат „македонски“ конгреси, но во 1973 година МПО добила информација дека „пропагандниот материјал е готов да доаѓа од Скопје“.
Логично се поставува прашањето зошто југословенските власти би поддржувале „македонска пропаганда“ во странство наместо општојугословенска каква што и во реалност поддржувале?! Ако знаеме дека македонството на политичката емиграција се коси по сите основи со југословенството како идеја и е радикално антикомунистичка. Илјадници страници на архивски документи го потврдуваат безкомпромисното спротиставување на македонските политички организации на она како било решено македонското прашање после Втората Светска војна.
Приоритетна и врвна цел на македонската политичка емиграција била обединета Македонија во нејзините етнички и географски граници со демократско уредување, а нејзиното дејствување било исклучиво на антикомунистичка и на антијугословенска основа. Доц. д-р Спас Ташев за да се увери во ова не мора да отвора книги и да истражува во архиви, доволно е да побара на интернет и ќе најде многу документи и извори. Ако Драган Богдановски бил експонент на таквата југословенска политика, зошто би одлежал 11 години затвор и по неговото излегување сѐ уште е предмет на обработка и со целосно нарушено физичко здравје. И неговиот помлад брат Раде Станковски има досие и преку 70 пати е повикуван на информативни разговори во полицијата.
Понатаму, авторот на „анализата“ не прави или не сака да прави разлика меѓу МПО и многубројните емигрантски организации меѓу Македонците во емиграција, кои за свои идеолошки и национални противници ги имале и МПО и југословенската држава. Со лесно пребарување на „Гугл“ или со читање на книгата „Македонија и Македонците во светот“ од академик Иван Кантарџиев, авторот може да се информира за дел од тие организации и нивните програми. Како еден од поистакнатите примери за судир меѓу југословенската Служба за државна безбедност и македонската политичка емиграција олицетворена во ДООМ е убиството на Благој Шамбевски во Минхен во 1974 година. Кога Ташев има голема желба на бугарската јавност да ѝ презентира страници од поновата македонска историја, може да почне со тоа какви беа идеите и заложбите на Благој Шамбевски.
Во врска со наведената статија „Дали ВМРО-ДПМНЕ плива во бугарски води“ која е објавена од весникот „Нова Македонија“ на 11 декември 1991 г., Ташев пишува дека Богдановски негодувал дека Љубчо Георгиевски присуствувал на средба со раководството на МПО во Детроит во почетокот на ноември. И повторно изостава да пренесе дека негодувањето не е поради само таа причина. Имено, меѓу другото, како што наведува Богдановски, „сите средби што ги имаше Георгиевски со американски фактори му беа организирани од бугарското лоби во САД“.
Селективниот пристап на доц. д-р Спас Ташев во претставувањето на фактите повторно се потврдува кога вели дека Љубчо Георгиевски изјавил во 2013 година дека Драган Богдановски има досие од неколку илјади страници, а тоа го потврдил и Божин Павловски. Не може виден претставник на научна академија да не знае дека толкаво досие не се води за лице кое е соработник, напротив се водело за лице кое се сметало за непријател на државното уредување. И од каде толкава доверба на Ташев во југословенската тајна служба во буквално сѐ што запишала во тоа огромно досие?! Во однос на тврдењето на писателот Божин Павловски, авторот ја изостава реакцијата на д-р Марјан Иваноски под наслов „Богдановски бил предмет на обработка, а не на соработка на СДБ“ (линк до текстот). Научник со толку висока титула мора да го знае правилото на историчарите audiatur ee altera pars. А, можеби, во некоја следна анализа, доц. д-р Спас Ташев ќе ѝ открие интересни податоци на бугарската јавност за Љубчо Георгиевски, кој самиот во неговата книга „Мојата македонска приказна – каде одиш Македонијо“ вели дека дедо му бил србоман, а татко му „класичен комунист“, понатаму дека во речиси сите партиски настапи во почетокот на 90-тите зборуваше за обединета Македонија, за македонско малцинство во Бугарија итн.
Предизвик за Ташев е да објасни на тие што го читаат дека дедото на Драган Богдановски кој бил во четата на Атанас Бабата, како дете го задојува со љубов кон Македонија и македонството до фанатизам. Според кажувањата на неговите блиски, таа опседнатост со Македонија на Богдановски е од таму. Дали тоа значи дека македонското самочувство има подолга историја од она што ни се наметнува да мислиме. Ново сензационалистичко открие на Ташев е дека „тој не бил киднапиран во Париз и донесен во Југославија каде што одлежал 11 години затвор, туку „бил пренесен од раководителот на УДБА, Тошо Шкартов и бил скриен од Интерпол?!“. Врз основа на што е поткрепено ова тврдење никаде не е наведено, а се пренебрегнува многубројната документација од оваа фаза од животот на Богдановски, сведоштва итн. Доволно е Ташев да види фотографии од Богдановски по излегувањето од затворот, па да се увери дали бил „криен“.
Авторот наведува дека во мај 1990 г., Драган Богдановски го подготвува формирањето на ВМРО-ДПМНЕ во Берлин. Таков податок не постои никаде во документите, сведоштвата и литературата. На крајот, Ташев повторно се навраќа на дејствувањето на Димитар Црномаров како член на ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна како основач на ВМРО-Татковинска, кој до 2006 г. е раководител на СВР-Битола.
Врз основа на изнесеното, неколку прашања сами се издвојуваат: што е тоа што го натера Димитар Црномаров, ако се претпостави дека имал бугарска самосвест, да се приклучи во ВМРО-ДПМНЕ кога Драган Богдановски уште во март 1990 г., во „Млад борец“ објави Платформа на партијата и говори за македонскиот народ во Југославија, Бугарија и Грција? Како реагирал Димитар Црномаров на говорите на претставниците на македонските организации на Прилепскиот конгрес на партијата? Зошто веднаш не ја напуштил партијата во моментот кога дознал дека таа се залага за обединета Македонија, а не за зближување на Македонија и Бугарија. Доколку Богдановски бил југословенски слуга кој ја напуштил ВМРО-ДПМНЕ во 1991 г., зошто раководството предводено од Љубчо Георгиевски го исклучува Црномаров од партијата? Верувам дека доц. д-р Спас Ташев има простор повеќе да се занимава со формирањето на партијата ВМРО во неговата држава.
Како заклучоци би издвоил дека текстот на доц. д-р Спас Ташев е во насока на негативно насочување на неговите читатели кон западниот сосед, Република Македонија. Секој совесен историчар што ќе го прочита овој текст ќе признае дека е пропаганден памфлет на неинформиран или злонамерен автор да прикрива цели страници од историјата или најнадежно кажано не ги познава. Ако веќе научникот од академијата го интересира животот и делото на македонскиот дисидент Драган Богдановски, треба да провери кој во Република Македонија сериозно се занимава со него, што има од публикуван материјал и сл. Но, еве можност да му се укаже дека најголем непријател на Богдановски беше југословенската власт на која повремено ѝ одговараше што тој истовремено е непријателски поставен кон МПО и идеите на Иван Михајлов. Тоа е човекот кој својот живот го заврши без политичка и научна кариера, без дом и семејство и материјално богаство, а СДБ дури и во 90-тите известуваше за него дека не ја научил лекцијата од затворот. Мотив за соработка со оние кои му го преполовија физичкото здравје ама му го засилија македонскиот дух – нема никаков.
Очекувано е мотив за соработки да имаат оние кои се обидуваат да го девалвираат и по 24 години од неговата смрт, со дезинформации и полуинформации. Целта на овој одговор не е докрај научно да аргументира на текстот објавен во весникот „Труд“ бидејќи дневен весник не е место за тоа, туку само да разобличи фабрикувана лага која во себе ја носи препознатливата порака, доколку некој се посветил во борбата за македонска Македонија тој по автоматизам е југословенски слуга. Крајната порака на сите вакви пропаганди четива е „демократска и европска“ – немате право на поинакво мислење.
(М-р Марјан Гијовски, докторант на Институтот за национална историја)