Се наоѓаме во многу специјален момент од историјата кога процесот на проширување е поставен како врвен приоритет на агендата на ЕУ што значи дека работите може да се развиваат многу брзо. Земјава може да ја зграпчи таа можност, тој моментум за да може да се придвижи напред, а следниот чекор којшто треба да се направи е измена на Уставот, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Дејвид Гир.
– Веќе имаме отворено пристапни преговори, начин којшто е навистина отворен и многу јасен пат пред вас. Исто така, од друга страна за да може да се комплетира целиот овој процес, следниот чекор којшто треба да се направи е измена на Уставот, се разбира дека тука зборуваме за суверена одлука која што треба да се направи од страна на вашата држава. Меѓутоа зборуваме за една одлука која што суштествено значи за да може да се придвижиме напред – вели амбасадорот Гир на новинарско прашање што може да се очекува за процесот за проширување на ЕУ по најавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј за забрзување на процесот и за клучни одлуки многу бргу.
Тој напомена дека за динамизирање на процесот на евроинтеграциите клучни се и реформите.
– Реформите коишто се поврзани со животната средина, исто така и реформи коишто се однесуваат генерално на сите сфери од животот за да може земјата рапидно брзо да се приклучи кон ЕУ. Тоа што е потребно да се направи е да се забрза динамиката на самите реформи за да може земјата што поскоро да може да ги искористи сите придобивки коишто се нудат од ЕУ. Се разбира дека што побрзо се спроведуваат реформите во оваа земја, толку побрзо ќе биде и самото влегување на земјата во ЕУ. Тој пат пред земјата е јасен, отворен е, така што, ако се забрза процесот на реформи ќе може и практично да се искористат бенефитите во таа смисла. Јас сум навистина убеден, ако ги преземете овие чекори, ќе се приклучите кон ЕУ – порача Гир по обраќањето на настанот за одбележување на Денот на Натура 2000 и Светскиот ден на биодиверзитетот во Општина Дебрца.