Управителот на ТОТАЛ ТВ Никола Тасев, кого Обвинителството го гони за Злоупотреба на службената положба и овластувања, по членот 353 од Кривичниот законик, не се појави на првото рочиште во скопскиот Кривичен суд, пренесе Канал 5.

Тој е обвинет дека во периодот од 2015 до 2017 година спротивно на Законот за трговските друштва без да свика Собир на содружници склучувал договори, со што нанел штета на правното лице од над 500 илјади евра.

На рочиштето беше присутен еден од неговите адвокати, кој тврдеше дека Тасев не бил уредно поканет па заминал на службено патување. Судијката Љубинка Башеска на ова одговори дека поканата била испратена и дека ова е прв и последен пат да дозволи одлагање на судењето поради службени обврски на обвинетиот и дека на следното рочиште Тасев ќе мора да се појави.

На судењето беше присутен и малцинскиот содружник, Тони Илијовски, кој е оштетен во постапката. Тој вели дека кривичната пријава ја поднел во 2018-тата година и дека очекува фер постапка.

„Разочаран сум зошто обвинетиот не беше присутен и не достави некаков доказ оправдување од адвокатот, но сепак се надевам дека на следното рочиште ќе биде присутен“, изјаво Илијовски.

„ Јас сум изненаден на нереакцијата на мнозинскиот сопственик на оваа фирма Тотал ТВ за Македонија кој не пријавил оштетување бидејќи во самото обвинение сумата на штета изнесува 503 илјади евра, од која малцинскиот сопственик, оштетениот би требало да добие доколку се докаже вина 25 отсто од таа сума, остатокот е на мнозинскиот сопственик, зошто тоа не се прави не ми е познато“, рече Кирил Мирчески – полномошник на оштетениот, пренесе Канал 5.

Адвокатот на обвинетиот Тасев не сакаше да даде изјава за медиумите, а обвинителката Лидија Раичевиќ по рочиштето кажа дека очекува да се докаже кривичното дело и Тасев да биде осуден, и посочи доколку се откријат и други дела во текот на постапката истите ќе бидат процесурани.

-Во овој предмет кој јас го застапувам не дојдов до елементи кои се потребни за да го предадам предметот на обвинителството за гонење на орагнизиран криминал и корупцијата. Што се случува со другите телевизии и постапки не знам, но доколку се појави било каков момент во постапката такви сознанија ќе бидат јавнообвинителски опсервирнаи и по нив ќче биде постпакено согласно законот изјави Лидија Раичевиќ, јавен обвинител.

Следното рочиште за овој предмет е закажано за 28 јуни.