Од денеска до 29 октомври во Охрид, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и регионалниот проект на УСАИД за Економски развој, управување и раст на претпријатијата заеднички ќе бидат домаќини на тридневен регионален собир за развој на авантуристички туризам во државите од Западен Балкан.
На конференцијата ќе присуствуваат туроператори кои работат со авантуристички туризам и давателите на патнички услуги од регионот на Западен Балкан. Настанот претставува единствена можност за учесниците да разменат искуства, идеи, производи и експертиза во однос на авантуристичкиот туризам. Собирот е дел од тековната соработка на проектот за поддршка на економската диверзификација во руралните средини (СЕДРА II) на GIZ и регионалниот проект на УСАИД за Економски развој, управување и раст на претпријатијата.
Според агендата на конференцијата ќе се обратат вршителот на должноста Амбасадор на САД, неговата екселенција Ерик Мајер, Флориан Трегер-Стајнтјес, раководител на Секторот за култура и медиуми во Амбасадата на Германија, Мартин Хибш, Програмски менаџер на GIZ и Јасминка Варналиева, раководител на проектот на УСАИД за економски развој, управување и раст на претпријатијата (EDGE).