Изборите за претседател во САД секогаш се од пресудна важност  за меѓународната политика воопшто, одделно за интегративните процеси ширум светот, вклучувајќи го и процесот на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Најпрво, затоа што земјите од З.Балкан се предворјето на Европскиот континент и единствена континентална врска помеѓу Европа и Азија.

Ова во изјава за КУРИР го вели Марјан Ѓорчев, поранешен македонски амбасадор, екс-градоначалник и одличен познавач на состојбите во светската и домашната политичка сцена.

Тој оценува дека тенденцијата на САД е да имаат доминантно влијание на светската глобализација, преку економската димензија на глобализмот, но и преку  идеолошкото политичко значење на либералното разбирање на демократијата како најсовршена форма на управување.

-Македонската држава е исправена пред предизвикот како да продолжи нашиот европски пат, после катастрофалните грешки на претходната влада на СДСМ и ДУИ на меѓународен план, со потпишување на двата договора со Бугарија и Грција во 2017 и 2018 година, коишто беа претставени пред македонската јавност како нужност државата да стане дел од НАТО Алијансата и да отпочне преговори со Унијата. За жал, во светлото на актуелниот безбедносен момент со војната на истокот на Европа меѓу Русија и Украина, може да констатираме дека нашето членство во НАТО ќе беше изнудено без потреба од никакви отстапки од наша страна, особено од аспект на нужното единство на сите европски земји во нивното спротиставување на Руската агресија врз Украина, вели Ѓорчев за КУРИР.

Тој анализира дека подршката од Републиканската партија во САД и новиот претседател Доналд Трамп за почитување на принципите на меѓународниот ред и поредок што гарантира неповредливост на националните државнички атрибути на секоја држава, во блиска иднина ќе биде од пресудна важност за постигнување на компромис меѓу Македонија и Бугарија.

-Овој момент ќе биде значаен за македонската држава, во смисол на гаранциите што треба да ги добие Македонија од Унијата во делот на промена на Уставот на нашата држава – со вметнување на бугарското малцинство во преамбулата, којшто согласно актуелната стратегија на нашата Влада може да биде променет само по ратификацијата за наше полноправно членство од сите 27 членки на Унијата, посочува тој во изјава за КУРИР.

САД како водечка политичка сила на колективниот Западен свет, ја определуваат траекторијата и на политичките процеси на Европскиот континент. Го прашавме Ѓорчев: Какви промени можат да се очекуваат во светот по победата на Доналд Трамп.

-Незаинтересираноста на Унијата за процесот на нејзино проширување најавен во експозето на претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер во 2014 година, а потврден со постапките на Урсула Фон дер Лајен во периодот 2019-2024 година, неминовно ќе предизвика кај новиот претседател на САД, Доналд Трамп, проактивна позиција насочена кон обединување на сите земји од Европскиот континет од политички, економски и безбедносни причини! Недвојбен политички став на Трамп е САД да ја “дисциплинираат” Европа во контекст на економската евро-атлантска соработка. САД увезува огромно количество на европски автомобили и европски земјоделски производи, рече Ѓорчев.

Трамп во својата изборна кампања најави дека ќе инсистира за рамнотежа во надворешната трговија со Унијата и високи царини за многу европски стоки, доколку не се постигне избалансиран трговски биланс меѓу САД и Унијата.

-Важно е да се има во предвид заложбата на Трамп, Унијата сама да обезбеди безбедност и сигурност на својот континет, со напомена дека САД нема да продолжат да гарантираат за европската безбедност,трошејќи само американски финансии за осовременување на оружјето со кое располага НАТО на европскиот континент. Според Трамп, сите земји-членки  на Унијата треба сами да ја финансираат својата безбедност и сигурност, а САД ќе бидат подготвени да помогнат со испорака на своето оружје за НАТО силите во Европа, но се треба да биде платено согласно распределбата на буџетот на Алијансата во однос со економската сила на секоја држава. Во контекст на воениот конфликт во Украина, се очекува дека Трамп ќе се залага за чесен мир во Украина без стратешка победа и  без капитулација на  ниту една страна,повторувајќи повеќе пати дека мирот е единствената опција  за истокот на Европа. Притоа се произнесе во изборниот процес дека приемот на Украина во НАТО треба да биде преразгледан и можеби одложен за одреден временски период, додека не се демилитаризира границата меѓу Русија и Украина и не се постигне одржлив мир со меѓународни гаранции за двете страни во воениот конфликт, анализира Ѓорчев во изјава за КУРИР.

Трамп особено ја нагласи нужноста Унијата да биде клучниот гарант за трајно мировно решение за војната во Украина, алудирајќи на одговорноста на Унијата за спроведување на мировните Мински спогодби од 2014 година.

-Клучен дел во Трамповите заложби во меѓународната политика ќе биде посветен кон Н.Р.Кина. За Трамп економскиот и воен раст на оваа моќна азиска држава претставува сериозна стратешка опасност за САД и тој ќе се посвети кон перманентна контрола и забавување на брзиот кинески економски раст и внимателна анализа и проценка на кинеските воени капацитети и способности, посочува Ѓорчев.