Поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев во гостувањето на НАТКАСТ на КУРИР кај Љупчо Цветановски, говореше по повод посетата на претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, вклучително и за европскиот пат на Македонија.

-Во пораката на Кошта трите главни елементи се проширувањето, реформите и исполнувањето од наша страна. Чинам тоа го слушаме веќе од 2001 година, цели 24 години, па повторно во 2005, па 2008. Мислам дека нема ништо ново, ние сме на тој пат, го чекориме. Немаме никакви убедувања дека тоа ќе биде веднаш, на некој начин, со волшебно стапче од Унијата, тој пат пречекорен. Но очекувам дека нашите аргументи, кои што се валидни, нашата влада ќе ги презентира, не на начин како што го правеше претходната влада. Треба да бидеме офанзивни, да се каже дека ние до сега направивме многу реформи, дека сме лидери во реформите. И по договорот за стабилизација и асоцијација од 1 јануари 2018 со кој сме во втора фаза и како кандидат земја членка веќе 20 години го чекориме овој пат. Би рекол и дека имаме исполнето над 1000 пропишани регулативи, изјави Ѓорчев.

Ѓорчев на ова потенцира дека во основа процедурата е проблематична. На крајот главната одлука ја носат политичките лидери. Тој смета дека сме спремни после 24 години чекорење на свој автентичен пат,  со доказни материјали, сме исполниле се’ што очекуваа од нас, конечно да пристапиме кон добивање датум.

-Нашата позиција како држава е коренито променета со доаѓање на новата влада. Ние имаме доволно аргументи да кажеме дека премногу дадовме. Не да бидеме во улога на жртва. Толку да бидеме во улога на оние што испорачуваат. Вие баравте некои работи од нас, ние ги испорачавме. Вие баравте реформи, тие го испорачуваме. Можеби не се доволни во некои сегменти. Но тука сме на патот да испорачаме. Многу ми е битно што нашата влада многу правилно, без брзање, работи на реформите. Треба да побара два принципи со кои подобро би ги спроведувале реформите, тоа се  модификација и дерогација. Во моментот агендата е да се донесат 9 закони до јуни и уште 16 до крајот на годината. Ние да побараме некои закони да бидат пренесени во 2026 година. Ќе цениме правилно дека во овој момент ќе не можеме квалитетно да ги испорачаме, во онаа форма што европската  унија очекува на нас. А второ, тие реформи во моментов не одговараат во она што значи стабилност, национален интерес и кохезија во македонското општество. Сметам дека владата се поставува правилно и прв пат нагласува дека овој дијалог со Европската Унија е двостран. Тука нема повеќе диктати како што ни се кажуваше од претходната влада, „Дадена е преговарачката рамка, од тоа нема отстапување“. Но тоа не е така, тој предлог не соодветствува со нашите национални интереси. Ние сме држава со сите атрибути, додава Ѓорчев.

Сепак, според Ѓорчев, ние сме на вистинскиот пат, иако ние економски и административно бевме спремни 2011 година, само требаше политичка одлука за да влеземе заедно со Хрватска 2013 година. За жал малку се вративме назад последните седум години со претходната влада која не направи ниту една реформа. Сега треба да почнеме повторно да градиме наш македонски автентичен пристап.

-На крајот на краиштата, да добиете вие 16 препораки, вие технички и административно се’ сте завршиле, значи дека го одите вистинскиот пат. Ќе се навратам на претходно, дека на крајот нашиот влез единствено зависи од политичка одлука, која треба да биде донесена во Брисел. Но мораме да веруваме. Мораме полека и цврсто да стоиме на нашите национални интереси. Впрочем тоа го прават и сите други европски држави, потенцира Ѓорчев.