Денеска се одржа вонредна седница на советот на градот Скопје, посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека се согласува со сите излагања на советниците, нагласувајќи дека проблемот со загадувањето бара посветеност, конкретни акции и заедничка одговорност.
-Загадувањето не е проблем кој се решава преку ноќ, ниту е создаден од сегашниот систем, но сега е наша обврска да делуваме и да го направиме Скопје почист и поздрав за сите.
Во изминатиот период преземавме засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети, воведовме редовни и вонредни надзори, работиме на решавање на сообраќајот, изградба на нови зелени површини и зелени коридори, како и соодветен третман на депониите.
Само во периодот од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени. Инспекторите за животна средина извршија над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешни фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај. Изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра, објави Ѓорѓиевски.
Нагласува дека одговорни лица во правни субјекти се казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно одлагаа отпад на јавни и приватни површини добија казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.
-Инспекцијата за патен сообраќај и патишта изврши контроли на девет градилишта, од кои седум беа задолжени со решенија за времен режим на сообраќај, а две имаа позитивни записници.
На едното градилиште е изречен прекршочен платен налог од 3.000 евра за правно лице и 900 евра за одговорното лице.
Комуналната инспекција изврши 240 контроли на градилишта низ целото Скопје, опоменувајќи 25 објекти, а на 11 се изречени глоби од по 1.300 евра. Комуналните редари вршат постојана обиколка и контрола на територијата на градот, плоштадите и јавните површини, со што се изречени повеќе од 60 казни.
За буџетот за 2026 година, предвидени се 64 милиони денари за делот за животна средина, во споредба со 24 милиони денари во 2025 година, што јасно покажува колку сериозно ја сфаќаме заштитата на здравјето на граѓаните. Дополнително, се обезбедени 220 милиони денари за подигање и одржување на јавно зеленило и паркови, како дел од нашите искрени заложби за чист воздух и здрав живот, посочува градоначалникот на Скопје.
Додава дека предвидени се субвенции за инвертер-клима уреди, чистење на оџаци, филтри за истите, субвенции за велосипеди итн.




