Амбициозни проекти, искрена желба за работа и визија за подобар град. Скопје без депонии и без урбанистички хаос, со функционален јавен превоз и јавни претпријатија кои си ја вршат работата. Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски во интервју за Курир говори и за планот кој го има за депониите во градот. Во неговата програма се вклучени и многу проекти за младите, за подобри услови и иднина дома. Специјализирани зони за дискотеки, модерна Зоолошка градина и конечно Луна Парк за сите генерации и семејно дружење.
Ѓорѓиевски: Скопје денес е град со огромен потенцијал, но и со сериозни наталожени проблеми. Сообраќајниот метеж, загадувањето, недоволната хигиена, урбанистичкиот хаос и нефункционалните јавни претпријатија се само дел од нив. Јас го гледам Скопје како град кој за четири години ќе биде почист, поорганизиран и со јасна визија за наредните децении, град кој ќе им служи на граѓаните, а не обратно. Не се плашам од предизвикот, напротив, токму предизвиците ме мотивираат уште повеќе. Во Кисела Вода наследив долг од три милиони евра, но тоа не го сфатив како пречка, туку како дополнителен мотив уште поенергично да се зафатам со проекти. Денес сосема променетиот лик на Кисела Вода е доказ дека со визија, чесност и посветеност може да се направи драстична промена. На ист начин ја гледам и функцијата градоначалник на Скопје – како шанса градот да излезе од катастрофалната состојба и да добие нова насока за долгорочен развој.
Доаѓам со јасна и конкретна програма која нуди решение за сите досега согледани проблеми и со план кој е издржан и остварлив. Силно верувам и во понудената листа на советници на ВМРО-ДПМНЕ, од која и јас доаѓам, и сум убеден дека граѓаните ќе ни ја дадат поддршката за заедно да ги реализираме сите добри проекти и идеи. Моето искуство од Кисела Вода ми дава дополнителна сигурност. И таму советниците најчесто акламативно ги поддржуваа проектите кои беа квалитетни и во интерес на граѓаните, иако дел од нив припаѓаа на опозициони партии. Верувам дека така ќе биде и во Советот на Град Скопје – добрите идеи секогаш треба да добијат поддршка, бидејќи само така може да го движиме градот напред.
Имате ли конкретен план за решавање на урбанистичкиот хаос во Скопје и каков Генерален урбанистички план би можеле граѓаните да очекуваат во вашиот мандат?
Ѓорѓиевски: Урбанистички хаос настанува кога се донесуваат одлуки без јасна стратегија и експертска анализа, а таква е состојбата со Скопје со децении. Јас нудам визија која гледа 20 години напред, а не само еден мандат. Моја цел е новиот ГУП да се изгради врз „Визија 2025–2045“, 20-годишна стратегија што обединува седум столбови: паметен урбан развој, здрава животна средина, сообраќајна и комунална обнова, културен идентитет, дигитална трансформација, поддршка на младите и наука, и јавна грижа и безбедност. За тоа ќе биде формиран Меѓународен борд на консултанти и работни групи од светски и домашни експерти, како што беше направено и во постземјотресно Скопје во 1964 година. Вклученоста на експертите, граѓанските форуми и јавните конкурси ќе обезбеди новиот ГУП да биде документ на сите скопјани, а не на партиски или бизнис интереси. Скопје ќе биде град што дише преку зелени коридори, се движи со интегриран и еколошки транспорт, има современа инфраструктура и јавни простори кои припаѓаат на граѓаните, ја чува меморијата и културниот идентитет, а истовремено е дигитален, паметен и отворен за иновации, визија што ќе го прави пример за регионот.
Јавната хигиена во Скопје е катастрофална, со валкани улици, отпад кој со недели стои околу преполнетите контејнери, а нефункционалноста на јавните претпријатија е евидентна. Има ли реални изгледи градот да се исчисти и како ќе се реши долгогодишното неработење на претпријатијата?
Ѓорѓиевски: Скопје моментално е во катастрофална состојба кога станува збор за јавната хигиена. Валкани улици, неисчистени депонии и нефункционални јавни претпријатија се дел од секојдневието на граѓаните и од она што туристите го носат како спомен кога си заминуваат од нашиот главен град. Првиот конкретен чекор ќе биде масовна акција за чистење – „Генералка на Скопје“ – која ќе се спроведе во првите 72 часа од мојот мандат и ќе ја мобилизира целата заедница, враќајќи ја свеста за важноста на јавниот простор. Потоа следува четиригодишната програма „Град без депонии“, која целосно го менува начинот на управување со отпадот и ги вклучува граѓаните како активни партнери во чистиот град.
Паралелно со тоа, ќе се изврши целосна ревизија на работењето на јавните претпријатија од страна на експерти, со цел да се идентификуваат непродуктивните трошоци и неефикасните процеси. Врз основа на оваа анализа ќе следат преструктурирања, оптимизација на ресурсите и воведување на нови модели на управување. Целта е јавните претпријатија да станат ефикасни, рентабилни, транспарентни и одржливи, со јасни индикатори за перформанс, дигитална отчетност и современи механизми за контрола. Со оваа комбинација на итни акции за чистење и долгорочни реформи, Скопје може да стане чист, функционален и урбан град кој работи во интерес на граѓаните.
Како планирате да ги решите проблемите со дивите депонии во Скопје? Кое е вашето видување за иднината на депонијата Вардариште и како го гледате системот за управување со отпадот во градот, вклучително и градската депонија „Дрисла“?
Ѓорѓиевски: За проблемот со дивите депонии имам јасен четиригодишен план кој е целосно заснован врз експертска студија и усогласен со европските регулативи. Цврсто ве уверувам дека Скопје нема да продолжи да се соочува со неконтролирани депонии и загадувачи кои ја уништуваат животната средина.
Вардариште ќе го претвориме од симбол на урбано запоставување во европски пример за зелена рекултивација. Според изработената физибилити студија, таму ќе изградиме голем парк со многу содржини достапни за сите граѓани. Секако, на тоа ќе претходат геомеханички анализи, ремедијација, пошумување и биолошка рекултивација, сè во целосна согласност со ЕУ директивите.
За „Дрисла“, пак, во мојата програма нудам решение во воспоставување на темелно нов систем, преку создавање на европски центар за третман на отпад. Нашата цел е „нула отпад на депонија“, преку максимално искористување на отпадот како енергенс. Ќе воведеме систем за селекција и повторна употреба на отпадот, со јасно дефиниран процес за рециклирање, одвоено собирање и секундарна селекција. Ќе изградиме постројка за дробење на градежен отпад, ќе воспоставиме систем за вадење депониски гас и негова трансформација во енергија, како и современи линии за третман на посебни и опасни видови отпад – електронски, медицински, масла, батерии. Целиот центар ќе биде дигитализиран, со 24/7 надзор и целосно усогласен со ЕУ директивите за отпад и депонии. Со тоа Скопје ќе го извадаме од затворениот круг на депонирање и ќе го внесеме во европскиот модел на циркуларна економија и зелена енергија.
Јавниот превоз претставува еден од најголемите предизвици за Скопје и тоа не само како транспортен систем, туку и како чекор за намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето, доколку е организиран како редовен, брз и еколошки. Каков модел на јавен превоз сметате дека е најсоодветен за Градот и кои би биле можните извори за негово финансирање и реализација?
Ѓорѓиевски: Јавниот превоз во Скопје е во катастрофална состојба, што секојдневно го чувствуваат граѓаните. Многу од нив ми се жалат на расипани автобуси, нефункционален возен ред и целосно игнорирање на нивните проблеми од страна на актуелното раководство на ЈСП. Дури доаѓале и во Општина Кисела Вода да бараат помош, иако тоа не е наша надлежност, што само ја покажува сериозноста на состојбата. Првиот чекор кој го планирам е ревизија на работењето на ЈСП од страна на експерти. Врз основа на таа анализа ќе следуваат реформи: пред сè кратење на непродуктивните трошоци и насочување на средствата кон она што е навистина важно за граѓаните. Неизбежна е обнова на возниот парк со современи и еколошки автобуси, но мојата визија за јавниот превоз не завршува тука. Потребно е воведување на нови видови на превоз. Со поддршка од Владата и Министерството за транспорт ќе анализираме за воведување на градски воз, потоа треба да се направи детална проверка за можноста на БРТ системот и удвојување на бројот на велосипедски патеки. Сето тоа ќе биде интегрирано во еден дигитализиран систем кој ќе овозможи јавниот превоз да стане побрз, поефикасен и поеколошки.
Загадувањето на воздухот во Скопје е долготраен и сериозен проблем за граѓаните. Кои конкретни краткорочни и долгорочни мерки планирате да ги преземете за негово намалување и како ќе го подобрите квалитетот на воздухот во градот?
Ѓорѓиевски: Имам јасен план за чист воздух кој е заснован на конкретна физибилити студија изработена со поддршка на меѓународни партнери. Тоа значи дека уште од првиот ден ќе работиме врз база на податоци и препораки од експерти. Главниот механизам што ќе го промовирам е ЕКО ФОНДОТ, финансиски инструмент кој ќе обезбеди поддршка за проекти што значат енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и намалување на загадувањето. Средствата што денес Градот ги издвојува за оваа намена ќе бидат дуплирани, а дополнителни пари ќе побараме од меѓународни донатори и европските фондови. Најголемите загадувачи, според студиите, се домаќинствата и индустријата. Затоа тука ќе бидеме најактивни. Ќе ја прошириме топловодната мрежа, ќе субвенционираме топлински пумпи и други еколошки решенија за загревање на домовите, за луѓето да имаат алтернатива и да не користат дрва и јаглен. Во делот на индустријата, ќе поставиме нови мерни станици за загадување и за бучава, по примерот во Кисела Вода, и врз основа на резултатите ќе има ригорозни контроли и казни без селекции. Во делот на јавниот превоз, предвидуваме набавка на современи еколошки автобуси, субвенции за електрични такси возила, а исто така и инсталирање на пречистувачи во парковите, како што веќе направивме во Кисела Вода. Дополнително, ќе вложиме во велосипедска и пешачка инфраструктура за да се намали зависноста од автомобилите и да се стимулира поеколошки начин на движење. Она што е клучно е дека сето ова ќе биде интегрирано во систем кој ќе го следи и координира Советот за чисто Скопје, формиран од експерти, граѓански организации и институции заедно ќе ја следат имплементацијата и ќе даваат препораки. Со транспарентност, со силна медиумска кампања и со вклучување на јавни личности ќе ја подигнеме и еколошката свест на граѓаните. Мојата визија е Скопје да стане град кој инвестира во здрава животна средина, чист воздух и одржлива мобилност. „Еко фондот“ е првиот чекор во таа насока.
Бездомните кучиња и мачки претставуваат сериозен проблем за Скопје, и по безбедноста на граѓаните и по благосостојбата на самите животни. Како планирате да го решите овој долгогодишен предизвик?
Ѓорѓиевски: Овој проблем ќе го решаваме со системски и хуман пристап, заснован на европски практики и современи стандарди. Главниот модел кој ќе се применува е „залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“. Тоа значи масовна стерилизација, микрочипирање и регистрација на бездомните животни, со што ќе се спречи нивно неконтролирано размножување и ќе се воспостави ред во оваа област.
ЈП „Лајка“ ќе биде целосно реформирано – со проширени капацитети, нови објекти и биосигурносни стандарди, кои ќе овозможат ефикасно згрижување, стерилизација и вакцинација. Ќе обезбедиме стабилно и предвидливо финансирање за оваа институција, за таа да може вистински да ја извршува својата функција. Понатаму, ќе изградиме мега-комплекс за миленици со паркови, содржини за престој и гробишта за миленици. Паралелно ќе спроведуваме едукативни кампањи за одговорно сопствеништво, а ќе се воспостави и Градски регистер на домашни миленици. За контрола, ќе се формира мобилна инспекциска група, со засилени казни за напуштање и неодговорно одгледување животни.
Многу родители велат дека Зоолошката градина одамна не е место што може да им понуди вистинско искуство на децата, условите за животните не се добри, а содржините за посетителите се сиромашни. Како планирате да ја вратите ЗОО како современа и едукативна атракција?
Ѓорѓиевски: Мојата визија е Зоолошката градина да ја претвориме во модерен едукативно-забавен центар кој се грижи за животните според европски стандарди. Ќе инвестираме во подобрување на условите, воведување нови биосигурносни протоколи и обновени живеалишта. За посетителите ќе има нови содржини, дигитални алатки за учење и современ пристап кон едукацијата. Така ЗОО ќе стане место на кое ќе бидеме горди, а децата ќе учат и ќе се забавуваат истовремено.
Скопје со години е без Луна Парк, а генерации деца пораснаа без место за вистинска забава. Што конкретно планирате да направите за да добие градот модерен парк каков што заслужува?
Ѓорѓиевски: Во мојата програма е предвидена изградба на целосно нов, модерен Луна Парк со современи реквизити, безбедносни стандарди и содржини достапни за сите генерации. Ќе биде простор и за забава и за дружење, со пристапност за лицата со попреченост и нови атракции што ќе го вратат духот на семејната рекреација. Овој проект ќе биде меѓу првите што ќе стартуваат, бидејќи Скопје премногу долго чека на него.
Што конкретно нудите за младите во Скопје – и во поглед на домување, и во поглед на забавен и културен живот?
Ѓорѓиевски: Мојата визија е Скопје да стане вистински дом за младите, место каде што ќе сакаат да живеат, работат и да се забавуваат. Во континуитет со успешната мерка „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, ќе ја прошириме поддршката за млади брачни парови на ниво на целиот Град Скопје. Со оваа мерка, млади брачни парови до 40 години, без друг имот, ќе добијат до 100% ослободување од комуналии при изградба на куќа за домување со една станбена единица, до 120 квадратни метри. Ослободувањето ќе изнесува 100% за сите општини во Скопје кои веќе имаат донесено одлука за ослободување на млади брачни парови, како што е во Кисела Вода, а истото ќе важи и за сите останати општини кои ќе ја прифатат оваа иницијатива и ќе се откажат од 40% дел од комуналиите што во моментов го задржуваат. Градот Скопје во секој случај ги ослободува од 60-те проценти комунални такси кои досега ги плаќаа. Новиот ГУП ќе ги обврзе инвеститорите најмалку 20% од становите во проекти над 3000 м² да се понудат по достапни цени за младите. За забавниот живот, ќе создадеме специјализирани зони за летни дискотеки и клубови, оддалечени од станбени населби и со европски стандарди за безбедност и транспорт. Планираме десетици фестивали и разновидни настани што ќе ја вратат младинската енергија и ќе го вратат епитетот на Скопје како град со најдобар ноќен живот. Сето ова е дел од нашата стратегија да им овозможиме на младите не само услови за домување, туку и квалитетен и безбеден живот во градот, простор за креативност, дружење и личен развој. Скопје ќе стане град во кој младите ќе сакаат да останат, да се реализираат и да градат иднина, бидејќи токму тие се иднината на нашиот град.