Денес сме во Шуто Оризари – уште една скопска општина која е дел од нашата визија за современо, рамномерно развиено и функционално Скопје, во кое секоја општина добива шанса да го развие својот потенцијал и да придонесе кон заедничкиот напредок, рече кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Токму во таа насока, во Шуто Оризари предвидуваме низа инвестиции што ќе создадат подобра локална инфраструктура, повеќе јавен простор и нови можности за спорт, култура и социјална поврзаност. Со изградбата на нов фудбалски стадион, ќе се создаде современ спортски комплекс со терен за голем фудбал, трибини, соблекувални, осветлување и пристапна инфраструктура. Овој стадион ќе биде место каде младите ќе спортуваат, ќе се натпреваруваат и ќе се развиваат, а истовремено ќе може да се користи и за локални и регионални натпревари, како и за различни општествени настани. Исто така, предвидена е и обнова на Спортскиот центар „Шуто Оризари“, со целосна реконструкција на терените, засадување дрвја, зелени површини и урбана опрема. Со оваа инвестиција, центарот повторно ќе стане средиште на спортот, рекреацијата и активниот живот во овој дел од градот, истакна Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски најави и изградба на Културен дом во Шуто Оризари.

-Со изградбата на новиот Културен дом „Есма Реџепова“ на местото на старото матично, вложуваме во културата како темел на заедништвото и локалниот идентитет. Домот ќе биде простор за театар, концерти, изложби, кино проекции и младински активности, но и симбол на достоинството, традицијата и културната енергија на Шуто Оризари. Со тоа оддаваме и посебна почит кон големата Есма Реџепова – амбасадор на ромската култура, која со својот глас го претставуваше не само Шуто Оризари, туку и Скопје и цела Македонија во светот, посочи Ѓорѓиевски и додаде:

„Денес би сакал да промовирам и дел од пакетот социјални мерки. Преку проектот „Скопје – град кој се грижи за сите“ ќе се обезбеди системска, одржлива и праведна поддршка за граѓаните во социјален ризик. Програмата за социјална заштита е стратешки инструмент за подобрување на животниот стандард и целосна интеграција на ранливите групи, преку мерки, активности и сервиси кои овозможуваат рамноправно учество во општествениот живот. Планираме градот да обезбедува поддршка за социјално загрозени семејства и поединци преку финансиска помош, хуманитарни пакети, психосоцијална поддршка и програми за образование и преквалификација. Исто така, преку прифатни центри со 24-часовна грижа и програми за ресоцијализација, ќе им помогнеме на бездомниците да се интегрираат повторно во заедницата“.

Скопје е силно само кога сите негови општини се силни, поврзани и насочени кон иста иднина, вели Ѓорѓиевски.

-Овие вложувања се дел од нашата интегрирана визија за Скопје – град кој расте рамномерно, создава можности за сите . Бидејќи Скопје е силно само кога сите негови општини се силни, поврзани и насочени кон иста иднина, смета кандидатот за градоначалник за Град Скопје Орче Ѓорѓиевски.