Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски беа во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ каде им посакаа среќен прв училишен ден на првачињата и успешен почеток на новата учебна година.
– Денеска е еден од оние денови што секогаш остануваат во срцето. Ден кога првачињата за прв пат седнуваат во училишните клупи и го започнуваат своето големо патување кон знаењето, изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски им додели ранчиња и училишен прибор на сите првачиња во општина Кисела Вода.
– Со особена гордост можам да кажам дека во изминатите години вложивме многу љубов, труд и енергија за да создадеме подобри услови во образованието. Денес, училиштата во Кисела Вода се место каде што децата растат со знаење, но и со среќа, додаде Ѓорѓиевски.
Некои од проектите кои се завршени во мандатот на градоначалникот се:
• ранчиња и прибор за секое прваче – идеја што започна токму кај нас и стана пример за цела Македонија,
• компјутер за секој наставник,
• униформи за сите ученици,
• смарт-уреди во секоја училница,
• нови и реконструирани спортски терени и сали,
• пречистувачи на воздух во секоја училница,
• фотоволтаици на училиштата кои денес сами произведуваат електрична енергија,
• доградби на училиштата за работа во една смена и, по еден век, изградба на ново училиште ,,Св. Климент Охридски” во Драчево.
– Драги ученици, вратата кон знаењето е денес отворена пред вас. Учете, сонувајте, бидете храбри и никогаш не се откажувајте, затоа што токму вие сте иднината на нашата татковина. А ние, како институции и заедница, ќе бидеме секогаш тука, со уште поголема енергија, посветеност и решителност, за да ви овозможиме образование какво што заслужувате, потенцираше градоначалникот.