Зоран Заев и Oливер Спасовски, директно го кршат Законот за полиција и прават криминал, за кој подоцна ќе треба да одговараат, вели Орце Ѓорѓиевски, член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
– Промената на систематизацијата во МВР е незаконска, тоа го знаат сите полицајци и старешини во МВР, а нормално го знаат и Зоран Заев и Оливер Спасовски. Заев и Спасовски спротивно на европската пракса ја укинуваат децентрализацијата на полициските станици и ја враќаат МВР 15 години назад. Уредувањето на полициските станици во ОВР е директна опструкција на техничкиот министер и тие се брана помеѓу началниците на СВР и полициските станици, и нормално тоа има за цел да ги спречи наредбите на новиот технички министер. Вчера во само еден ден се прераспоредени над 300 бивши вработени во УБК, кои не беа распоредени во АНБ на места според старата систематизација, која веќе не е во сила, изјави Ѓорѓиевски.
Оливер Спасовски вчера, додаде тој, подели 300 решенија кои се незаконски и кои немаат правен основ.
– Дополнително распоредува над 1.000 службеници во МВР спротивно на законот, за само еден ден има поделено над 1.000 нови решенија. Спасовски врши класична злоупотреба на Законот за полицијата. Спасовски наместо министер сега во моментов е во улога на партиски кадровик. Треба да знаат дека го кршат законот и многу брзо ќе има одговараат за ова незаконско работење. Апелираме до сите вработени да не подлегнуваат кон притисоците и заканите на Оливер Спасовски. Игрите и опструкциите мора да запрат. Демократијата не смее да се попречува. Сите злоупотреби кои сега се прават ќе бидат испитани и ќе следат соодветни кривични пријави за сите инволвирани, рече Ѓорѓиевски.