Безбедносниот експерт Љубомир Ѓурчевски во гостувањето во емисијата „За или против“ на новинарот Љупчо Цветановски на Алфа телевизија истакна дека распределбата на средствата од ИПАРД-фондовите мора строго да се врши според пропишаните правила и услови, а намалувањето на стоковните резерви претставува директно загрозување на националната безбедност и не смее никој да се дрзне да отпишува 2.000 тони пченица.

-Средствата од ИПАРД фондовите се доделуваат врз основа на проекти, при што минимум 50% од инвестицијата мора да биде обезбедена од самиот подносител. Јавното обвинителство треба да спроведе поцелисходна истрага и најпрво да утврди постоење кусок во државните стоковни резерви, бидејќи тоа претставува сериозно кривично дело. Со државните резерви се работи по систем – колку изнесувате, толку внесувате“, потенцира Ѓурчевски.

Тој потсети дека согласно Уставот, државните резерви во натура мора да обезбедат минимум три месеци залихи.

-Да се потроши целиот шеќер, да се намалат количините на пченица и брашно – тоа е директно загрозување на националната безбедност во услови на воена опасност или криза. Не смее никој да се дрзне да отпишува 2.000 тони пченица, вели тој.

Според него, последиците од таквото постапување можат да бидат драматични.

„Не дај боже да се најдеме во непосредна воена опасност кога ќе треба да се мобилизираат голем број резервисти од армијата и полицијата. За тие луѓе се потребни храна, опрема – сè. Затоа националната безбедност е директно загрозена, а мене особено ме револтира индолентното однесување на Јавното обвинителство кон ваквите државни прашања-, нагласи Ѓурчевски.

Дополнително, тој укажа дека на штетата од 800 илјади евра се надоврзуваат и незаконски практики поврзани со ИПАРД-процедурите.

–Спротивно на пропишаните процедури се наградуваат лица што не ги исполнуваат условите. Тоа се сериозни кривични дела за кои Јавното обвинителство не смее да чека ниту една минута, дециден е Ѓурчевски.

Целото интервју на Ѓурчевски можете да го погледнете во продолжение: