Невидениот скандал со над 200 пасоши што им беа дадени на меѓународни мафијашки босови, оштети над 1000 истраги спроведени од различни држави. Експертите проценуваат дека скандалот ги нарушил принципите на Интерпол и го нарушил имиџот на земјата. Мега-скандалот што им обезбеди на криминалците „скриен азил“, ќе биде забележан во сите извештаи на меѓународните институции, вели Лубомир Ѓурчевски, поранешен помошник во МВР, а пренесува Алсат.

Ѓурчевски е категоричен дека ќе биде тешко за земјата да ја исчисти оваа црна дамка, а најмалку што може да се направи е да се вклучи меѓународната заедница, особено ЕУ, во расчистувањето на случајот. Според него, постапката за издавање пасош не е едноставна и не може да ја спроведува само референт, затоа одговорноста треба да ја сноси шефот на министерството за внатрешни, Спасовски.