Шестмина членови на Синдикалниот одбор на рударите во Рудникот за кафеав јаглен во Зеница, Босна и Херцеговина, стапија во штрајк со глад поради неисплатени плати за четири месеци, објави босанската редакција на регионалната телевизија „Н1“.

Од овие плати зависат вкупно 460 семејства, а вработените веќе немаат средства ниту за превоз до работното место. Штрајкот започна вчера и продолжува и денеска, при што рударите порачуваат дека нема да го прекинат сè додека не им бидат исплатени најмалку две од заостанатите плати.

Членот на Синдикалниот одбор, Елведин Алич, денеска истакна дека барањата остануваат исти и покрај изјавата на министерот за енергетика, рударство и индустрија на Федерацијата Босна и Херцеговина, Ведран Лакиќ, кој рече дека се работи на решавање на проблемот. Лакиќ посочи дека се очекува отворање банкарска сметка за прием на средства од заем од Светската банка за исплата на платите и ги повика рударите на трпение.

Сепак, Алич нагласи дека за отворањето на сметката и приемот на средствата е потребен и потпис од државниот министер за финансии и трезор, Срѓан Амиџиќ. Дури откако сметката ќе биде функционална, синдикатот ќе може да разговара за следните чекори и за евентуален прекин на штрајкот.

Телевизијата „Н1“ наведува дека рударите покажуваат трпение уште од 2009 година, од кога не им се уплаќа работниот стаж, поради што низ годините беа организирани повеќе протести. Производството во рудникот во Зеница со години се намалуваше, а летово целосно запре и е предвидено негово затворање.

Сепак, сè уште е неопходно редовно одржување на метанската јама. Доколку рударите заминат на други работни места, нема да има кој да ја одржува јамата, која без соодветен надзор може да се претвори во сериозна опасност за животната средина и за скапата опрема складирана во неа.

фото: архива