Кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“, насочена кон директна комуникација со земјоделците и претставување на актуелните мерки и политики за поддршка на земјоделското производство стартува денеска со првата трибина што ќе се одржи во Домот на културата во општина Босилово, со почеток во 18 часот.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, директната комуникација со земјоделците е од големо значење.
– Ресорот земјоделство неминовно мора да има постојана и директна комуникација со земјоделците. Тоа значи разговор за актуелните состојби и реалните предизвици со кои тие се соочуваат, истакна министерот синоќа во телевизиско интервју.
Во рамки на кампањата се формирани два големи тима кои ќе посетат над 30 општини, како и шест помали тимови кои ќе опфатат повеќе од 120 населени места. Средбите ќе се организираат секој петок, среда и сабота, во зависност од типот на тимовите.
На прес-конференција во неделата, министерот најави дека во малите тимови ќе учествуваат директорите на клучните институции – Даниела Иротова од Платежната агенција, Филип Филиповски од АД Водостопанство, Васе Анакиев од Државниот инспекторат за земјоделство, Оливер Миланов од Агенцијата за храна и ветеринарство, Здравко Трајанов од ЈП Национални шуми. Еден од тимовите ќе предводи министерот, појаснувајќи дека во активностите ќе се вклучат и останатите директори од секторот, како и локалните структури на Министерството.
Целта, според него, е да се слушнат предизвиците и идеите на земјоделците. На средбите ќе се разговара за тековните проблеми со кои се соочуваат земјоделците, нивните предлози за унапредување на производството, како и за спроведените мерки и политики во изминатите две години. Земјоделците имаат суштинска улога за државата и тие, нагласи Трипуновски, не се само производители, туку двигатели на руралниот развој, чувари на традицијата и клучен фактор за стабилност на домашниот пазар.
Министерот упати повик до земјоделците активно да се вклучат во кампањата нагласувајќи дека најдоброто од Македонија доаѓа токму од македонските ниви и вредните раце на нашите чесни, работливи земјоделци.




