Главната православна црква во Украина денеска соопшти дека одлучила да го промени календарот, така што отсега Божиќ ќе се слави на 25 декември, потег што дополнително ќе ја оддалечи од Русија.
Украинските христијани, претежно православни, традиционално го прославуваа Божиќ на 7 јануари, како што е обичај во повеќето православни земји како Русија, која минатата година започна инвазија на Украина.
„Ова прашање се наметна како резултат на руската агресија“, напиша Украинската православна црква (ОЦУ) на Фејсбук и објави дека повеќе нема да го користи јулијанскиот календар.
„Денеска Јулијанскиот календар се поврзува со руската црковна култура“, се наведува во соопштението на ОЦУ.
Црквата соопшти дека од 1 септември ќе почне да го користи реформираниот јулијански календар, што се смета за почеток на литургиската година. Црквата соопшти дека парохиите, доколку сакаат, ќе можат да продолжат да го користат стариот јулијански календар.
Резултатите од истражувањето спроведено минатиот декември од страна на украинската Влада покажаа дека 59 отсто од над 1,5 милиони анкетирани верници го поддржале преместувањето на прославата на Божиќ на 25 декември.
Украинскиот министер за култура претходно изрази поддршка за промената на календарот, опишувајќи ја како „погодна за барањата на нашето време и јавното мислење“.