Во борбите во Украина, како што тврди шефот на воената платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, се убиени околу 10.000 од 50.000 регрутирани борци од руските затвори.

„Јас ангажирав околу 50.000 затвореници, од кои околу 20 проценти се убиени“, изјави шефот на воената платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин во интервју објавено во вторникот вечерта од страна на руски блогер. Меѓу професионалните платеници на Вагнер, стапката на загинати е речиси исто така висока, изјави Пригожин.

Платеничката група Вагнер во изминатите месеци беше на првата линија на фронтот во жестоките борби кои однесоа многу жртви во источниот украински град Бахмут. Во текот на минатата година Пригожин во повеќе наврати вршеше регрутирање на затвореници – сторители на кривични дела за борбите во Украина, ветувајќи им во замена простување на казната доколку преживеат.

„Сега има десетици илјади луѓе – роднини на убиените борци, а веројатно ќе ги има стотици илјади, тоа не е нешто што може да се сокрие“, изјави Пригожин во интервјуто.

На украинска страна загубите се уште поголеми, тврди тој:

„Групата Вагнер има три пати помалку загинати и отприлика двојно помалку ранети“.