-Правото на живот и правото на здравје е неприкосновено. Загарантирано е со Уставот, со Универзалната декларација за човекови права. Според последната одлука на Владата донесена на 17 август, децата треба да започнат настава со физичко присуство од 1 септември. Но, со оглед на тоа што ни доаѓа цунами, имаме секој ден по 30 починати, огромен број на заболени, меѓу нив и млади луѓе кои добиваат тешка клиничка слика, сметаме дека оваа учебна година треба да биде со он-лајн настава по секоја цена – истакна на денешната прес конференција Ана Глигорова. Таа е претставник на 15 000 членови на групата за он-лајн настава, а прес конференцијата беше одржана пред Владата на РМ, откако министерката Мила Царовска не одржа средба со Глигорова и воопшто со претставниците на оваа група.

-Во една училница од 36 м2, во која ќе влезат 30 или 32 деца, тие нема да имаат простор меѓу себе. За едно дете да може да одржува дистанца, потребни се 13 м2 слободен простор. Значи, во една училница може да има најмногу две деца и еден наставник. Значи, условот за некаква дистанца не може да исполни – додаде Глигорова.

Како што истакна таа, владината одлука налага родителите да поднесуваат медицински белешки за своите деца и медицински белешки за евентуални хронични болни во семејството за да добијат одобрение за он-лајна настава.

-Ние бараме, или целосно он-лајн настава за сите, што е многу побезбедно, бидејќи како што реков, ни доаѓа цунами во кое ќе има многу заболени, а да не заборавиме, ние сме земја со најмногу починати на еден милион жители во Европа, или пак, тие кои сакаат нивните деца да имаат он-лајн настава, со само едно писмо до директорот, без процедури како медицински белешки што подразбира одење во амбулантни каде сепак постои некаква опасност, значи да нема барање на медицински или немедицински причини, туку само изразена желба на родителот, за да биде овозможена он-лајн настава за тоа дете. Во спротивно, целокупната одговорност за доведување во опасност на многу недолжни луѓе, ќе ја има Владата на РМ заедно со Комисијата за заразни болести, Оваа група има 15 000 членови, тоа се родители, наставници кои се плашат дека ако проговорат поотворено ќе бидат избркани од работа и луѓе кои работат во администрацијата. Значи, бараме промена на одлуката на Владата и бараме право на избор – изјави Глигорова.

На новинарското рпашање односно забелешка дека според УНИЦЕФ Македонија имала најдолг период на он лајн настава, Глигорова истакна:

-УНИЦЕФ може да даде преопрака. Македонија е суверена држава и има право да донесе своја одлука. Правото на избор, нема врска со УНИЦЕФ. Универзитетите имаат автономија и донесоа одлука да одат на он лајн настава. А тоа се студенти. Наспроти тоа, овде се работи за адолесценти и за деца од кои многумина сигурно ќе заразат – заврши Глигорова.