На самитот на Форумот на Пацифичките Острови што се одржува во Тонга, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, издаде предупредување за „глобален СОС“, пред се, заради порастот на нивото на морето во регионот на Тихиот Океан.
-Во Тонга сум за да издадам глобален СОС – Save our seas (Зачувајте ги нашите мориња) – заради растењето на нивото на морето, рече Гутереш.
Генералниот секретар предупреди дека на регионот на Пацификот му се заканува „глобална катастрофа“.
Гутереш ги претстави резултатите од истражувањето кои укажуваат дека порастот на нивото на морето во регионот на Пацификот е побрзо од глобалниот просек.
Пацифичките острови, ретко населени и без тешка индустрија, годишно испуштаат помалку од 0,02 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови.
Според новиот извештај објавен од Aгенцијата за клима на ОН, во последните 30 години во одредени делови на Пацификот нивото на морето се зголемило за околу 15 сантиметри.
Глобалниот просек е 9,4 сантиметри, покажува истражувањето на Светската метеоролошка организација.
фото:МИА архива