Групацијата Трафигура е една од водечките светски, независни трговски, логистички и производни компании во секторот на „commodities“ или природни суровини и производи. Како мултинационален конгломерат, групацијата има развиена мрежа од свои компании во 48 земји на сите континенти од Земјината топка. Трафигура е и клучен инвеститор во проектната компанија Еуромакс Ресоурцес (регистрирана во Канада и јавно листирана на Берзата во Торонто „TSX”) која повеќе години го развива Проектот за современ рударски комплекс на бакар „Иловица-Штука” во југоисточниот регион на нашата држава. Неодамна, Групацијата Трафигура го објави годишниот извештај за финансиската година 2021, кој покажува рекордно високи резултати и одлична подготвеност за уште позасилен иден развој. Вкупниот промет, тргуваниот волумен, приходите и чистиот профит во 2021, се највисоки во нивната историја со што се демонстрира структурна и квалитативна конзистентност на деловните и финансиските показатели.
Вкупните приходи се зголемени за 57 проценти во однос на 2020, и изнесуваат 231,3 милијарди долари (што е за цели 16 пати поголем износ од нашиот БДП!), а нето профитот е скоро дуплиран од минатогодишниот, со 3,1 милијарди долари. Како резултат на ваквата впечатлива профитабилност, нивната капитална вредност порасна за 36 проценти или на 10,6 милијарди долари, што ја потврдува стабилноста и снагата на нивниот деловен и финансиски модел подржан со транспарентна финансиска комуникација и извонредно активна програма за заштита на екологијата , социјалните аспекти и успешното управување.
Г-дин Џереми Веир, извршен претседател и главен извршен директор на Трафигура, забележува: „Нашите резултати во 2021 повторно поставија нови рекордни нивоа во смисла на трговскиот волумен како и во севкупната профитабилност. Горд сум дека постигнавме и одличен напредок во понатамошното диверзифицирање на нашиот бизнис со што добивме уште поважна улога во глобално подржаниот процес на транзиција кон чиста или ‘зелена’ енергија… Ова беше уште една година на сериозни мерки за закрепнување на глобалната економија од последиците на пандемијата со КОВИД19, каде се соочивме со сета фрагилност на глобалните синџири за снабдување во услови кога побарувачката нагло порасна додека логистиката и снабдувањето мака мачеа да обезбедат барем минимум од потребниот сервис за светската економија . Во вакви комплицирани услови на глобално ниво, Трафигура успеа да задржи континуиран квалитет и сигурност во функционирањето и набавувањето на неопходните суровини, производи и специјализираните услуги за постојано растечкиот број на наши деловни партнери , на сите континенти…“
Групацијата имаше впечатливо успешен старт на новиот сектор за „Обновлива Енергија” со нови инвестиции во обновливи извори и минерални суровини кои ќе бидат апсолутно неопходни во процесот на транзиција кон чиста енергија и продолжува со засилени инвестиции во пристапот кон управувањето со екологијата и социјалните аспекти диверзифицирано во сите нивни дејности.
За таа цел воспоставија специјално посветен „ESG Commitee“ (Enviromental, Social, Governance) во рамките на нивниот Одбор на Директори , со кој лично претседава извршниот претседател и главен извршен директор , г-дин Џереми Веир.
Овие години, секторот за чиста и обновлива енергија , конечно призна дека револуционерната транзиција мора да се ослони на современото и одржливо рударство , односно обезбедување на доволни количини минерали и метали за да се изградат и функционираат соларните панели, турбините на ветер и моќните батерии за електричните возила и „складирање” на енергијата . Справувањето со овој предизвик, ќе биде клучен елемент за да се избегне еколошката катастрофа за човештвото доколку и понатаму главно се ослонуваме на енергијата од фосилните извори. Напредниот свет сẻ појасно го согледува круцијалното значење на развојот на современото, одржливо рударство со научно-технолошко минимизирање на можните негативни влијанија врз животната средина и еко системот на планетата.
Драги пријатели, во изминативе денови сите си испочеститавме Нова Година, Божиќни празници, домашни слави и имендени, со безбројни повторувања на истите фрази, зборови и пораки си посакавме добро здравје, среќа и успеси во животот. Од друга страна пак, бруталната реалност на животот безпоштедно нẻ бомбардира со десператни информации, анализи и статистики за здравствените проблеми со долготрајната пандемија, за економската и енергетска криза, ладните радијатори, загадениот воздух, води и почва, за секојдневното покачување на цените на сẻ и сешто, евидентната сиромаштија, за незапирливото иселување од земјава кон економски развиениот свет…
Се научивме ли да живееме така? Се помиривме ли со тоа? Нели ви врие во желудникот безизлезноста. По природа сум непомирлив и верувам дека во секој од нас демне желбата, како предатор да нападне и загрми – за подобро, СЕГА и ВЕДНАШ. Сите сме свесни за потребата од неодложни промени, но тие одат бавно и кога се големи чинат многу. Се повторуваме дека за тоа неопходни се итни инвестиции во нашата држава. Но и со ова сознание дозволуваме инвеститорите, оние големи конгломерати кои се веќе присутни и имаат изработено проекти за да инвестираат кај нас, некој неодговорно се обидува да ги избрка. Во нашиот случај се неколкумина локални “политичари-активисти” што упорно шират омраза, го сатанизираат во јавност инвеститорот и го третираат како опасна “терористичка” организација.
Со безкрајните игри и одолговлекувања , неразумно ги тераме да дигнат раце од инвестицијата во овој мега Проект како и од другите потенцијални стратешки проекти во нашата држава кои сосема извесно, за многу краток период би можеле да направат вистински позитивен економски и социјален прогрес!
Кој ќе ја понесе одговорноста доколку „успееме” да ја присилиме Групацијата Трафигура да покрене легитимна постапка за заштита на своите права како странски инвеститор , односно да ја активира веќе одамна подготвената меѓународна арбитражна процедура пред „Интернационалниот Центар за Заштита на Инвестициони Спорови ” (ICSID) или „ad hoc“ Судот воспоставен во согласност со арбитражните правила на – Комисијата за Меѓународно Трговско Право на Обединетите Нации (UNCITRAL)?
Најеминентни меѓународни правни експерти за вакви арбитражни спорови, апсолутно се сигурни дека во овој случај постапката финално ќе резултира позитивно за инвеститорот . Со оглед на планираната долгорочна функционалност на овој Проект, искуствено би се очекувало огромно отштетно финансиско побарување кон нашата држава (веројатно над една милијарда долари!), кое ќе треба сите ние но и нашите поколенија да го отплаќаме. Треба да бидеме рационално свесни дека и самиот чин на евентуално покренување на ваков високо профилен арбитражен спор, гласно ќе одекне во деловните и финансиски кругови во светот и дефинитивно ќе ја „патосира“ репутацијата на нашата земја и ќе ја маркира на светската мапа како непосакувана и тотално несигурна дестинација за големите странски инвестиции!
Искрено се надевам дека никогаш нема да дојде до остварување на ова црно сценарио. Сите ние, граѓаните на Македонија, имаме насушна потреба и од позитивни и оптимистички вести за реално посветла и прогресивна иднина… сẻ уште се надеваме конечно да видиме и чуеме за РЕШЕНИЈА, за акција и дела кои сега и веднаш ќе нẻ извлечат од досегашната депресивна фаза на живуркање и преживување.
Д-р Живко Груевски