Политичарите што во изминативе години неколкупати и „донесоа датум од ЕУ“ на Македонија, „просечна плата од 500 евра“, „бесплатно здравство за сите во ЕУ“, истите политички субјекти кои и го сменија името на Република Македонија, потпишаа капитулација со Грција, се договараа со Бугарија, за викендите заедно возеа мотори или четирицикли, заедно пливаа во лето… сега се обвинуваат кој е (по)виновен за дереџето до кое ја доведоа земјата.

За парче власт во новата влада на наследникот на Зоран Заев, вчера предизвикаа политичка ерупција во политичкиот врв на Македонија.

– Имаме јасни државни позиции во однос на разговорите со Бугарија и усвоена Резолуција во Собранието, поддржана од сите партии. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не биле, не се, и нема да бидат тема на разговор. Владата во целост ќе ги заштити националните интереси, а преговорите на ниеден начин не се загорезени, е заедничката оценка на идниот и на досегашниот премиер, Димитар Ковачевски и Зоран Зав, како и на шефот на дипломатијата Бујар Османи по вчерашните обвинувања на вицепремиерот за евопски прашања Никола Димитров за политиките кон Бугарија.

Димитров вчера изјави дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија. Нагласува дека нечиј интерес и во земјата и надвор од неа е тој да не биде дел од владата, но и да не биде дома, поради што, како што истакна, добил понуда за амбасадорско место што го одбил. 

-Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, рече Димитров на вчерашната прес-конференција.  

Тој на новинарско прашање дали Османи е еден од постоечките членови на старата влада, но и на некој кој ќе биде дел од новата во врска со преговорите со Бугарија, одоговори потврдно дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи, со оглед на, како што вели, неговото искуство и на интерните координации и контактите со земјите членки на ЕУ и претставниците на европските институции во Брисел.

– Имам едно чувство дека таму има еден „драјв тајм“ за успех по секоја цена што мислам дека не е продуктивен, е опасен. Можеби и грешам. Се надевам дека грешам. Меѓутоа, мислам дека моја граѓанска должност како човек што со години работи на оваа кауза е да бидам буден и да го следам процесот и јавно и гласно ќе алармирам тогаш кога мислам дека работите одат во лош правец, рече Димитров.

Шефот на дипломатијата Османи му реплицираше дека и неговите лични позиции, како министер за надворешни работи и како човек апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои, вели, како Влада активно ги застапуваме, и тоа: и кога заеднички ги градевме државните интереси при создавањето на Договорот од Преспа; и кога заеднички го создававме Договорот за пријателство со Бугарија; а и сега, кога повторно разговараме за надминување на разликите со нашите соседи.

– Пред нас во формирање е еден нов политички моментум создаден преку новите мандати на Владите во двете земји. Граѓаните очекуваат од нас да ја искористиме оваа нова политичка иницијатива за да ја зајакнеме довербата меѓу двете Влади и меѓу двете држави. За оваа и јас лично, но и Министерството за надворешни работи, е во постојана комуникација и со Работната група во Владата, и со актуелниот Премиер, а консултациите правиме и со новиот Мандатар кој очекуваме наскоро да ја преземе функцијата. Резултат на оваа активност е веќе договорената посета на високата владина делегација предводена од Премиерот Петков на Скопје на 18 јануари, а во постојана комуникација со нашите колеги од Бугарија, веќе работиме да постигнеме согласност за одржување и на заедничка седница на двете Влади само една недела подоцна, или на 25 јануари, рече Османи.

Од успехот на овие посети, потенцира Османи,  ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех, наведува, ги смета за непродуктивни и нефер.

-Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме, апелира министерот за надворешни работи Османи.

Во реакцијата од Кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев на изнесените ставови на досегашниот вицепремиер за евроинтеграции Димиров, посочуваат дека Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР, а македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија.

Во реакцијата се посочува дека македонските позиции кои се целосно на линија на португалскиот предлог кој бил усвоен и на словенечкото претседателство и кои се целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Димитров имал активна и суштинска улога.

– Со македонските позиции во овие преговори се согласи и Никола Димитров, впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Доколку Димитров е против што било од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата, се нагласува во реакцијата.

И Димитар Ковачевски, наследникот на Заев, смета дека станува збор за изразено лично незадоволство на Димитров поради завршување на неговото учество во Владата. Димитров лично бил дел од градењето на позициите за Бугарија и тоа што го кажува воопшто не е точно, вели Ковачевски.

– Имаме јасни државни позиции во однос на разговорите со Бугарија, имаме усвоена Резолуција во Собранието, поддржана од сите партии. Македонскиот јазик и македонски идентитет не биле, не се, и нема да бидат тема на разговор. Дали господинот Димитров е против овие изградени државни позиции во однос на разговорите со Бугарија и во кој дел треба да каже самиот. Граѓаните да бидат спокојни дека Владата во целост ќе ги заштити националните интереси, а преговорите на ниеден начин не се загорезени со заминувањето на Димитров, истакна претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада Димитар Ковачевски, чија прва средба со странски државник по изборот за нов премиер се очекува да биде со претседателот на бугарската Влада Кирил Петков.

Петков вчера потврди дека по завршувањето на изолацијата доаѓа во посета на земјава која е договорена да се се случи на 18 јануари.

Во меѓувреме, истражување на јавното мислење во Бугарија покажува дека се зголемува бројот на бугарски граѓани кои се за вклучување на Македонија во ЕУ и за старт на пристапните преговори, па дури и без претходен договор за отворените прашања меѓу Софија и Скопје.

Истражувањето спроведено од Алфа Рисрч презентирано на Бугарската национална телевизија посветена на бугарско-македонските односи покажува дека речиси 61 отсто од граѓаните на Бугарија сметаат дека Северна Македонија треба да стане членка на Европската унија. Расте процентот и на граѓани кои сметаат дека треба да се каже „да“ за почеток на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ и без претходен договор за отворените прашања. Ова е мислењето на 29,6 отсто од испитаниците, што е зголемување за околу 13 отсто во однос на ноември 2020 година, кога 16,9 отсто одговориле потврдно. Од анкетираните, 69 отсто сметаат дека не треба да се дозволат преговори без да се решат отворените прашања. Во ноември 2020 година, овој сооднос изнесуваше 81,1 отсто.

Во одговор на прашањето – кој е фундаменталниот интерес на Бугарија за членство на РМ во ЕУ, ако се остават настрана спорните прашања, 60,9 отсто од Бугарите се изјасниле дека земјата треба да стане членка на Унијата, наспроти 32,2 отсто од испитаниците кои се изјасниле дека Македонија не треба да стане членка на ЕУ.

Мнозинството од анкетираните, како и бугарскиот премиер Кирил Петков, веруваат дека сегашните позиции на владите треба да се надградат. Анкетата на Алфа Рисрч, исто така покажа дека 61,9 отсто од испитаниците веруваат дека новите влади на Бугарија и Македонија треба да ги задржат своите сегашни позиции, но и да ги надградат за да ги деблокираат преговорите на Македонија со ЕУ. Од испитаниците 12,4 отсто сметаат дека треба да се зачуваат сегашните позиции, а 25,7 отсто се со став дека треба да се изградат целосно нови позиции.