Глобалното затоплување ќе достигне најмалку 1,8 степени Целзиусови дури и во најоптимистичката иднина, што е далеку над целта на Парискиот договор од 1,5 степени Целзиусови, покажува извештајот на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) „Ограничување на пречекорувањето“.
Во извештајот се наведува дека надминувањето на целта за глобално затоплување од 1,5 степени Целзиусови утврдена во Парискиот договор од 2015 година сега е „неизбежно“ и предупредува дека секое зголемување на температурата ги интензивира разорните екстремни временски услови, топењето на глечерите и губењето на екосистемот, објавува Гардијан.
Извршната директорка на УНЕП, Ингер Андерсен, изјави дека иднината „ќе донесе многу непознати“, но дека екстремните топлотни бранови, како оние што соборија рекорди и ги влошија шумските пожари и сушите ова северно лето, веќе докажуваат дека климатските влијанија „ќе удираат побрзо, посилно и ќе траат подолго“.
Затоплувањето до три степени Целзиусови над прединдустриските нивоа би можело до 2100 година да предизвика губење на повеќе од една четвртина од масата на глечерите, а нивото на морето да се покачи до 13 сантиметри, се предупредува со извештајот.
Глобалното производство на храна би можело да се намали за до 14 проценти до 2050 година доколку не се воспостават ефикасни стратегии за прилагодување.
Во извештајот на Програмата за животна средина на Обединетите нации, со седиште во Најроби, се наведува дека најдобрата надеж на човештвото за ограничување на штетата е да усвои траекторија „надминување, врв и опаѓање“, која бара итно и одржливо намалување на емисиите на стакленички гасови, во комбинација со чекори за отстранување на јаглерод диоксидот од атмосферата. (МИА)




